Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во кривичниот суд Скопје денеска, во 10 часот, почнува судењето за случајот „Плацови на Водно“.
Првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот кум од првиот брак Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК Сашо Мијалков е обвинет за помагање за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Камчев и Мијалков ќе бидат спроведени од истражниот затвор во Шуто Оризари, каде што се во притвор.
Според обвинението, Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе. Станува збор за 1,3 милиони евра.
Во средината на 2012, според обвинението, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.
Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје – овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
Бизнисменот Орце Камчев е во притвор во истражниот затвор во Шутка од 14 март годинава, откако месецов му беше продолжен за нови 30 дена за предметот „Плацови на Водно”. Притвор беше определен и за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство од земјава и е азилант во Будимпешта. Мерки на претпазливост им беа определени и на обвинетите Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева.