Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Министерот за здравство, Венко Филипче, на новинарско прашање дали ќе го вакцинира своето дете, потврди дека ќе го вакцинира неговиот син кој има над 12 години за да даде пример дека вакцините против корона вирус се безбедни за децата, откако вчера најави дека од понеделник и децата над 12 години ќе може да се вакцинираат против корона со вакцината на „Фајзер“.
„Да, се разбира. И мислам дека треба тоа да се направи, тоа е единствен начин за да стигнеме до соодветен процент на колективен имунитет. Има некои земји кои го воведуваат тоа вакцинирање како задолжително, односно нема да ги примаат децата во училиштата ако не се вакцинирани. Тоа е некаде политика во западноевропски земји. Кај нас нема да биде задолжителна вакцината и ќе се користи вакцината на Фајзер. Така да, јас директно ви одговарам, јас тоа ќе го направам“, рече Филипче на прашањето за вакцинирање на неговиот син кој има над 12 години.
Засега здравствените власти немаат донесено одлука за воведување на дополнителни мерки на границите. Комисијата за спречување на заразни болести ќе заседава утре и ќе одлучи дали ќе се воведат некакви ограничувања на границите. Притоа ќе ги земат предвид тоа што ситуацијата сега е мирна и нема голем број на прегледи во болниците, тоа што Грција има рестриктивни мерки, а има пораст на заболени од делта сојот и опуштањето на мерките во Велика Британија.
Акцентот го ставаат на вакцинирањето на што поголем број на граѓани. На прашањето дали се точни информациите дека е хоспитализирана бремена жена со делта сој тој рече дека нема такви информации и дека последни случаи на делта сој биле случаите детектирани вчера.