Лукаревска: Во минатите две години преку „Мој ДДВ“ кај граѓаните вратени 36,3 милиони евра


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На 399.000 корисници од различна возраст на апликацијата „МојДДВ“, во изминатите две години им се исплатени вкупно 2.238.340.844 денари, односно 36,3 милиони евра како дел од ДДВ искажано во фискалните сметки, истакна денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.

„МојДДВ“, како што посочи, ги враќа парите назад кај граѓаните, ја намалува сивата економија, се солидаризира со најпогодените од Ковид кризата и ја поддржува и поттикнува македонската потрошувачка и производство. Во првата година преку „МојДДВ“ вратени се над 670 милиони денари, во втората година над 1,5 милијарди денари, а во првиот квартал од годинава на граѓаните им се вратени 413.758.172 денари.

-Овие бројки се показател дека бројот на корисници и бројот на скенирани фискални сметки се зголемува. Граѓаните веќе знаат дека со сигурност на секои три месеци на нивните трансакциски сметки се исплаќа повратот на ДДВ кој го оствариле и со тоа се зголемува довербата кон институциите. Се потврди дека мерката ги оправдува целите за кои е воведена, ги враќа парите назад кај граѓаните и придонесува за намалување на сивата економија. Под мотото „Мој данок, моја заштеда“ секој граѓанин ја согледа важната улога и одговорност која ја има во овој процес, а тоа е активно да учествува во намалувањето на неиздавањето на фискалните сметки со тоа што како партнер на УЈП ги пријавува ваквите појави, рече Лукаревска на денешната прес-конференција по повод ,,Две години МојДДВ со граѓаните”.

Потенцира дека благодарение на „МојДДВ“ едно четиричлено семејство може да врати до 28.000 денари годишно во својот семеен буџет.

Посочи дека за време на тешката економска и здравствена криза предизвикана од Ковид-19 преку „МојДДВ“ 5.537 граѓани својот поврат во износ од 5,8 милиони денари го донираа во здравствениот сектор.

-За купените македонски производи веќе неколку месеци се враќа дел од ДДВ во висина од 20 проценти, а за останатите производи 10 проценти од пресметаниот данок искажан во фискалната сметка. Се реализираше и викенд без ДДВ на 10, 11 и 12 октомври минатата година во кој 204.088 граѓани купиле македонски производи и услуги, како и компјутерска опрема при што е остварен промет од 558.176.715 денари и поврат од 122 милиони денари. Апликацијата „МојДДВ“ е достапна на сите смарт мобилни телефони, 10 киоск апарати и 36 бар код читачи во даночните канцеларии на УЈП. Трендот на раст на корисници за нас како институција е доказ дека сме направиле добра работа, потенцира Лукаревска.