Доцна синоќа започната петта трансплантација на срце во Македонија во изминатава година


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерот за здравство, Венко Филипче, доцна синоќа најави нова трансплантација на срце и бубрези, после извршената експлантација на органите од 44-годишна пациентка кај која беше констатирана мозочна смрт.

„Доцна вечерва во 23 часот медицинските тимови од Клиниката за урологија и Клиниката за кардиохирургија ја започнаа експлантацијата на бубрези и срце од 44 годишна пациентка која попладнево е дијагностицирана со мозочна смрт.

Тројца пациенти се подготвуваат да ги примат органите. Постапката за трансплантација на срцето и бубрезите ќе започне после полноќ, по што ќе следи експлантацијата на коскени ткива.

Екипите за трансплантација од повеќе клиники работат веќе неколку часа на подготовка на донорот и реципиентите. Болничките координатори од КАРИЛ заедно со Министерството за здравство ја водат целата постапка. Инаку ова е трета трансплантација од јануари и петта во изминатава година.

Голема благодарност на семејството за несебичниот гест. Со нивната хуманост спасија три животи и подарија надеж за подобар живот на неколку пациенти кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија“, напиша Филипче на својата Фејсбук страница.