Државни субвенции до 300 евра за вградување уред на погон на течен гас или друго алтернативно гориво во возилата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше дека утре ќе биде објавен јавниот повик за субвенции на максимум 600 граѓани што од утре ќе купат и ќе вградат уред на погон на течен гас (ТНГ), метан или друг вид алтернативно гориво во возилата. Граѓаните со преку оваа субвенциска програма ќе имаат можност да остварат поврат од 50 проценти од трошокот, но не повеќе од 18 000 денари.

За оваа мерка од буџетот на Министерството за економија предвидени се 11 милиони денари.

„Оваа мерка, која произлегува од Законот за моторни возила, се однесува на две важни подрачја, а тоа е сообраќајот и екологијата и се плод на барањата на граѓаните, има главна цел да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата Огласот ќе трае точно 60 дена од денот на објавувањето и ќе се одвива по принципот ‘прв дојден, прв услужен‘. Надоместок на дел од трошоците ќе се врши за само едно возило во семејство“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година, па наваму, треба да купат и вградат уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на јавниот повик, во некоја од фирмите што вршат продажба и вградување на таквите уреди.

„Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во Техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката. Во МВР на сопственикот му се издава упатница, која ја доставува до техничката служба, за да биде извршена проверка на сообразноста на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред (познатa како АТЕСТ) и придружно писмо. Со Потврдата и писмото, сопственикот се упатува на шалтер на МВР (во техничката служба или станица за технички преглед) каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката односно дека е монтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично, појасни министерот и додаде дека постапката од моментот на доаѓање во техничката служба до издавањето на новата сообраќајна дозвола не трае повеќе од 2 до 3 дена“, појаснуваат од Министерството за економија.

Оттаму укажуваат дека за јавниот повик, до архивата на Министерството за економија, треба да бидат доставени пополнето барање и изјава од подносителот на барањето, фискална сметка со сметкопотврда, или фактура, копија од сообраќајната дозвола за возилото, заверена на нотар, во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка.

Оваа мерка првпат беше спроведена во 2019 година, кога беа субвенционирани 731 граѓанин кои вградија вакви уреди во своите возила. Минатата година како резултат на пандемијата и пренамена на средствата предвидени за оваа мерка за поддршка на најпогодените граѓани и компании од ковид-кризата, оваа мерка не беше спроведена.