Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Вчера вечерта, околу 21 часот, во сообраќајна незгода во Неготино три девојчиња на возраст од 16 до 17 години биле повредени откако во нив удрило возило од марката Фолксваген Поло, управувано од 35-годишно лице од Пепелиште, пренесува Фокус.
Настанот се случил на раскрсницата на улицата Маршал Тито, на пешачки премин, на само триесеттина метри од Полициската Станица Неготино, а повредените девојчиња биле пренесени во болница со возилото на Итната служба на ЈЗУ Неготино.
Од МВР го потврдија настанот, и изјавија дека повеќе детали околу незгодата и состојбата на девојчињата ќе бидат соопштени во тек на денот.
Градот се вознемири поради немилата случка и повторно ги актуелизираше прашањата зошто на улицата Маршал Тито, каде секогаш е фреквентно и раздвижено, не се постават легнати полицајци или вибрирачки ленти за забавување на брзина.
На местото на настанот во чија близина е и средното училиште во градот, и претходната, а и сегашната власт во предизборните кампањи ветуваше изградба на кружен тек. Неготинчани потсетуваат на ветувањата и прашуваат дали некогаш ќе се решат овие прашања, клучни за безбедноста на граѓаните.
Инаку, Неготино е град во кој нема ниту еден кружен тек, нема семафори и нема ниту една вибрирачка лента за забавување на брзината.
,,Фокус” со години наназад, по повеќе наврати пишуваше околу барањата на граѓаните за поставување на испакнати асфалтни пречки на улицата Маршал Тито, каде во тек на летните месеци честа слика се дури и трките со скутери и автомобили.
Успорувачи на брзината се поставија пред Основното училиште Гоце Делчев, а родители на ученици од ОУ Страшо Пинџур, уште пред повеќе години неколку пати испратија и писмено барање до Совет на Општина Неготино, за поставување на легнатите полицајци и на улицата Маршал Тито, наспроти училиштето, каде децата најчесто преминуваат. Одговор или пак решавање на проблемот – нема.
Пред точно една година, во центарот на Неготино, на улицата Маршал Тито, товарно комбе прегази дете на велосипед, на пешачки премин. Видео снимка од надзорните камери на објект во близина на случката започна да се споделува на социјалните мрежи, а граѓаните вознемирени од страшната глетка, и тогаш бараа поставување на успорувачи на брзината на улицата Маршал Тито.
Тогаш, претседателот на Советот, Диме Витанов за ,,Фокус” изјави дека ќе бидат поставени легнати полицајци пред училиштето Гоце Делчев и пред детската градинка, но кај средното училиште (каде се случи и вчерашната несреќа) изјави дека нема опција за нивно поставување, бидејќи се работело за регионален пат.
Нема најава и за изградба на ветениот кружен тек на истата локација, како и на излезот од градот кон Кавадарци.