Владата најави дека ќе го раскине договорот со „Инвока Груп“ за софтверот за полагање испити


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Владата, на вчерашната седница, ја разгледала и усвоила информацијата во врска со, како што се наведува, потребата од раскинување на Договорот за групна набавка од 28.2.2020 година и Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции, склучен со друштвото „Инвока гроуп“ – Скопје од 11.8.2020 година.

Двата договори се склучени во време кога генерален секретар на Владата беше Драги Рашковски, кој е моментно во притвор. Исто така, во притвор заврши и сопственикот на „Инвока гроуп“, Даниел Станчев, за случајот што го отвори „360 степени“.

Обвинителството за случајот со Рашковски: Имаше претрес на Правен, досега не се пронајдени материјали за испитите во Академијата за судии и обвинители

Генералниот секретаријат на Владата добил задолжение да го раскине Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции. Како што наведуваат од Владата, согласно со Законот за јавни набавки, треба да се побара од Бирото за јавни набавки одобрение за спроведување постапка со преговарање, без јавен оглас, за да склучи договор со оператор, со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување на нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции.

Генералниот секретаријат на Владата е задолжен, по раскинување на Договорот, да почне редовна постапка за јавна набавка на софтвер за полагање испити и да ги извести министерствата за правда, за внатрешни работи, за економија, за транспорт и врски, за труд и социјална политика, за животна средина и просторно планирање, Комисијата за хартии од вредност , Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Царинската управа, Агенцијата за катастар на недвижности, Инспекцискиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители, дека договорот со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ – Скопје е раскинат.