Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во рамки на самитот Брдо-Бриони во Брдо, кај Крањ, македонскиот претседател Стево Пендаровски оствари средби со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор и со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.
На средбата со претседателот Пахор, претседателот Пендаровски истакна дека земјава силно ги вреднува одлучноста и поддршката од Словенија кон политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, како и најавата дека тоа ќе биде меѓу врвните приоритети во агендата на претседавањето на Република Словенија со Советот на Европската Унија во втората половина на 2021 година.
Претседателот Пендаровски посочи дека Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговарачкиот процес. Тој додаде дека Македонија останува посветена на исполнување на надворешно-политичката цел, односно полноправно членство во ЕУ, што ќе овозможи забрзано спроведување на реформите во земјата.
Двајцата претседатели разговараа и за состојбата со пандемијата на вирусот КОВИД-19, како и за справувањето со последиците од неа.
На средбата, пак, со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателот Пендаровски се заблагодари за силната и континуирана поддршка за европските аспирации, потврдена за време на шестмесечното хрватско претседателство со Советот на Европската Унија, кога беше донесена и одлуката за отворање на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ.
Интеграцијата на Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во ЕУ, како што беше истакнато на средбата, ќе придонесе кон трајна стабилизација на регионот, како и негов просперитет.
Двајцата соговорници разменија информации за актуелните состојби во двете држави, во контекст на справувањето со пандемијата на КОВИД-19, како и за предизвиците во справувањето со последиците на здравствен, економски и на социјален план.
На средбата беше договорена скорешна посета на претседателот Пендаровски на Република Хрватска и продолжување на дијалогот меѓу двете земји на највисоко ниво.