Стевче Јакимовски ќе биде амнестиран благодарение на новиот Закон за легализирање на дивоградби?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Нови дивоградби и неуривање на постоечките, но и амнестија од одговорност на оние што граделе незаконски, а кои веќе кривично се гонат – ова го носи новиот Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти што вчера го изгласа Собранието со 72 гласа „за“ , тројца „воздржани“ и петмина „против“. Членот 41 од Законот , додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки кои се во тек и кои произлегуваат од постапки за отстранување на објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење, пренесува 360 Степени.

Предлагачи на амандманот усвоен на седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, одржана на 7 мај 2021 година, биле: Ане Лашкоска, Бране Петрушевски, Бојан Стојаноски, Мирче Аџиоски, Олга Лозановска (сите од ВМРО-ДПМНЕ) и Љупчо Пренџов од ГРОМ, партија чиј претседател е поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. Дополнетиот закон вчера ја доби поддршката и на пратениците од СДСМ.

Токму Јакимовски е еден од оние што ќе имаат директна полза од членот 41 од новоусвоениот закон, бидејќи за него се води судска постапка токму за бесправно изградени објекти со намена опишана во законскиот текст, пренесуваат од 360 Степени. Основното јавно обвинителство за гонење органзиран криминал и корупција во октомври 2019 година поднесе обвинение против 11 лица, меѓу кои првообвинет е Јакимовски за злоупотреба на службената положба и бесправно градење.

Според Обвинителниот акт, обвинети се – градоначалник, осум административни службеници од општина Карпош и две одговорни лица во правно лице – изведувач и надзор. Според дејствијата опишани во актот, првообвинетиот сторил повеќе кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.3 и едно кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од Кривичниот законик, едно лице сторило кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 од Кривичниот Законик, на седуммина им се става на товар кривично дело Несовесно работење во служба од чл.353-в ст.5 и две лица, со опишаните дејствија во обвинението, сториле кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од Кривичниот законик

Во меѓувреме, петмина од обвинетите признаа вина и се спогодија со обвинителството.

Со Законот се предвидува да се опфатат сите дивоградби изградени до денот на неговото стапување на сила, наместо, како што беше предвидено во првичниот владин предлог – до 1.10.2019 година.

Усвојувањето на овој закон доаѓа како договор меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, од последната нивна средба одржана на 29 март.

Во гостувањето на 23 април „360 степени“ го праша министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, дали е информиран од премиерот Зоарн Заев дека, меѓу другото, на лидерската средба Мицкоски, повикувајќи се на барање на свој помал коалициски партнер, побарал, а премиерот прифатил – интервенции во предлог-законот за легализација на дивоградби кои, практично, ќе значат амнестија за Стевче Јакимовски. Бочварски даде неодреден одговор, иако не исклучи таков исход.