Нови 30 дена притвор за Камчев – бизнисменот останува во Шутка


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Орце Камчев останува во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, откако Кривичниот совет во Основниот кривичен суд Скопје го уважи предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и донесе решение за продолжување на мерката за уште 30 дена бидејќи, како што велат од судот, сè уште постои опасноста од бегство.

Одбраната на бизнисменот има право да поднесе жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Камчев заврши во притвор на 14 март 2021 како осомничен во случајот „Плацови на Водно“. Мерката беше побара откако обвинителството доби белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека бизнисменот се подготвува за бегство.

Токму оваа белешка изминатиот месец постојано ја оспоруваше одбраната на Камчев, а исто така, реагираше и со тврдења дека на притвореникот му се врши тортура. Денеска неговиот адвокат Тони Менкиновски, пак, одржа прес-конференција на која соопшти дека како одбрана поведуваат постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје за утврдување на незаконитоста на белешката. Тој тврди дека АНБ му ги прекршила уставните права на слобода и безбедност, на ефикасна и делотворна одбрана и на правично судење пред непристрасен трибунал. Оваа Агенција, според одбраната, немала надлежност да го следи бизнисменот бидејќи не станува збор за некаква закана по националната безбедност.

Во истрагата за „Плацовите на Водно“, покрај Камчев, осомничени се и експремиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, мајката на Камчев, Ратка Камчева, и други лица.

Предметот се однесува на тоа дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милион евра.

Неодамна, во рамки на истрагата обвинителството вршеше претрес и во станови што се поврзуваат со Груевски.