Денес во Македонија почнува вакцинацијата на новинарите и медиумските работници против КОВИД-19


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Денес, од 8Ч20 утрово до 10:30 часот, над 600 новинари и медиумски работници ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски“. Тоа се новинари кои се пријавија на повикот и ги исполнија условите за да влезат во првата група на вакцинација. Во оваа група се лицата над 40 години или оние кои имаат хронична болест.

Според Здружението на новинарите на Македонија, сите 631 новинари и медиумски работници имаат добиено информација за точниот термин за вакцинацијата на нивните електронски адреси.

„Лицата кои се пријавија на првиот повик, а кои не ги исполнија условите за оваа фаза од вакцинацијата, како и сите останати заинтересирани новинари и медиумски работници, ќе бидат земени предвид за следниот круг на вакцинација кој се очекува да биде наскоро. Истото важи и за сите оние кои се пријавија по истекот на рокот за пријавување во оваа фаза од вакцинацијата“, велат од ЗНМ.

Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници им препорачуваат на одговорните лица во медиумите на денот на вакцинацијата, како и наредниот ден да ги ослободат новинарите и медиумските работници од работните обврски.

Досега во земјата се направени вкупно 669.141 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата изнесува 141.844, бројката на оздравени пациенти е 116.780, на починати 4.228, а бројот на активни случаи изнесува 20.836.

Како што соопшти Министерството за здравство, во изминатото деноноќие се регистрирани 687 нови случаи од направени 3.050 тестирања. Оздравени се вкупно 1.347 пациенти, а починале 46 лица. Од починатите пациенти, 43 се починати во болнички услови, а тројца во домашни услови.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.699 и има околу 340 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Од нив, 703 лица се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, а во болниците во внатрешноста вкупно 996 пациенти.

Од ресорното министерство потенцираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Надлежните и понатаму апелираат за побрзо надминување на пандемијата со коронавирусот граѓаните да вакцинираат и да се почитуваат мерките за заштита.