Министерството финансии порачува дека не е планирано зголемување на ДДВ и персоналниот данок


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во насока на точно информирање на јавноста истакнуваме дека не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персоналниот данок, апелираат во нивното соопштение до јавноста од Министерството за финансии.

Имено, изјавата на министерот за финансии Фатмир Бесими во емисијата „Економски магазин” се однесува на зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплата на ДДВ-то и од персоналниот данок, како трансфери од централен буџет, а не на стапките на ДДВ и персонален данок.

Министерот за финансии гостуваше во емисијата „Економски магазин“ на тема „Фискална децентрализација”, каде ја презентираше реформата за унапредување на фискалната децентрализација.

Во рамки на реформата за унапредување на фискалната децентрализација, за која претходно и министерот за финансии и Министерството за финансии ја информираа јавноста, се предлагаат три столба – подобрување на фискалниот капацитет на општините, домаќинско и отчетно работење и зголемување на транспарентноста.

Кај првиот столб се предлага зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплатата на персонален данок, како и постепено зголемување на стапката на дотација од наплатениот ДДВ, според перформансот на општините. Имено, планирано е формирање два фонда: Фонд за перформанси за општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи и Фонд за изедначување за општините коишто имаат пониски приходи, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.

Овие предлози ќе бидат ставени на јавна дискусија со ЗЕЛС и со сите засегнати страни со цел оваа реформа да се носи преку еден транспарентен и инклузивен процес, се вели во соопштението на Министерството за финансии.