Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Без разлика на кредибилитетот на медиумот, тврдењата кои ги изнесе италијански „Ла Верита“ во врска со набавката на вакцините треба да се провери до крај, порача македонскиот претседател Стево Пендаровски во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Без разлика на кредибилноста, шефот на државата смета дека она што се објавува дали во медиум или социјална мрежа треба со должно внимание да се „претресе“ од сите агли.
„’Ла Верита‘ треба да се провери до крај, освен тоа што тие го објавуваат денеска во второто продолжение како документи од кореспонденцијата со некои кинески фирми, плус и таа со кинеските институции – МНР. Плус имаме информација од министерот за здравство зошто тоа е направено, откако од кинеското МНР им е посочено дека тоа не е патот по кој треба да се оди, тие се враќаат назад и го враќаат тој капар“, рече вчера Пендаровски.
Претседателот вели дека неговите информации се оние кои ги добива од медиумите бидејќи тој не е надлежен да ја бара кореспонденцијата на министерот за здравство во врска со набавката на вакцини.
„Мојата координација со премиерот, со надлежните министри, и министерот за здравство, но со оние за европски прашања или за надворешни работи кои имаат комуникација со надворешни субјекти во овој дел, се сведува само на координација кој каде може и што добил како информација од странски држави. Но, не и во делот на конкретната документација која и до кого е праќана“, изјави Пендаровски.
Вчера, италијанскиот весник, кој стана популарен кај нас по објавувањето снимки за случајот „Рекет“, објави две писма од министерот за здравство Венко Филипче адресирани до кинеската компанија „Синофарм“ од 25 декември лани и од 25 јануари годинава.
Но она што весникот го истакнува како проблематично е, всушност, содржината на второто писмо во кое компанијата, односно Кина, се ослободува од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината. Ова, според „Ла Верита“, е спротивно на многу меѓународни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани.
Зачера, пак, истиот весник пишуваше дека авансот што го уплати земјава за набавка на 200 000 вакцини бил вратен бидејќи требало да се одвива преку посредничка фантом-фирма, со седиште во Хонгконг, а тоа оставило сомнеж кај официјален Пекинг што, пак, довело до поништување на процедурата.
Филипче, пак, ги отфрли сите обвинувања објавени во, како што рече, медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ и во италијанскиот „Ла Верита“. Тој рече дека во изминатиот период е комуницирано со многу компании, со многу производители, користени се кинески компании кои работат кај нас за да се воспостави контакт со „Синофарм“, со која, како што рече, не било возможно директно да се комуницира.
Друга информација која Пендаровски ја откри во гостувањето во „Клик Плус“ беше дека со уште еден министер биле во комуникација со „Фајзер“ уште во декември, и тоа на високо менаџерско ниво, од каде им било укажано дека во тој момент предност за вакцини имаат големите држави со стотици милиони жители, додека не разговараат со жители кои се помали од два милиони.
„Да споделам една коресподенција која јас и еден од нашите министри ја имавме со најголемата компанија „Фајзер“ пред Нова Година кога се обративме во седиштето. Прво не прашаа која е големината на потенцијалните консументи, и кога кажавме дека сме околу два милиони луѓе, разговорот брзо заврши.
Рекоа дека во овој момент имаме неверојатно навалување на држави со стотици милиони жители. Така била политиката, да не разговараат со држави помалку од 2 милиони жители“, рече Пендаровски кој додаде дека и системот „Ковакс“ потфрлил.