Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ние сме пленици на меланхоличната оргија што се одигрува во внатрешноста на земјата, зашто сме ископале рудници, подземни ходници низ кои се вовлекуваме, собрани во дружини, под градовите што сакаме да ги кренеме во воздух. Ја држиме веќе Сицилија, Сардинија. Тие потреси, што ги забележуваат извонредно чувствителните апарати, се резултат на дејноста што ја извршуваме со задоволство. Не треба да додадам дека некои од нас, веќе цела година, се доближуваа до Корејско Море. Големите погранични синџири нѐ примораа да направиме неколку заобиколувања, но и покрај тоа нема многу да доцниме.
Целта е да се живее таму каде што животот е сѐ уште способен да предизвика потреси и целосни пресврти без да побара друга помош освен во секогаш новото размножување на природните појави. Поларна зора во собата – тоа е еден вистински чекор; но тоа не е сѐ. Ќе има љубов. Ќе ја донесеме уметноста до нејзиниот наједноставен израз, кој е љубов; ќе го донесеме трудот, исто така, до што ќе го донесеме, Боже! До музиката на бавните исправки што се плаќаат со смрт. Ќе ги поздравуваме раѓањата, со таа пригодна уметност што ја изразуваме при минувањето на спроводите. Ќе ги поздравуваме сите раѓања. Светлината ќе дојде потоа; денот ќе ја признае вината, бос, со ѓердани од ѕвезди околу вратот, во зелена кошула. Ви се колнам дека ќе знаеме да ја делиме неправдата, ние, последните кралови.
Засега ние ги носиме на дното од водата, за скапи пари, машините што престанале да служат, а исто така, и неколку други што допрва почнале да служат, и големо е задоволството да се види како тињата страсно го задушува она што функционира толку добро. Ние сме создавачи на отпадоци: не постои ништо во нашиот дух што ќе може да го извлече од таа тиња. Го заземаме командното место на тие балони, на тие лоши лаѓи конструирани врз принципот на лостови, на чекреци и на наведната површина. Го пуштаме во погон ова или она, за да се увериме дека сѐ е изгубено, дека тој компас конечно се откажува да го рече зборот Југ, и ние скришум се подбиваме со големото нематеријално разурнување што е во тек.
Андре Бретон, извадок од „Растворлива риба“, дел 7.
Превод: Влада Урошевиќ
Извор: СУМ, бр. 53, 2006