Судир на гигантите – Епл контра Фејсбук


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Ако досега делуваше и се чинеше дека двата технолошки гиганти едноставно одбрале професионални патеки кои ги разделуваат во нивната дејност, суштината на нивните бизнис модели неминовно ги доведе до судар.

„Извршниот на Епл веројатно само што му стави крај на Фејсбук“, гласи еден од насловите за оваа тема, опишувајќи како извршниот на Епл, Тим Кук, неочекувано престана да биде “Финиот” и изведе жесток напад врз Закерберг и неговиот Фејсбук. Најфасцинанто од сè, тоа го направи без ниту еднаш да ги спомне, а од секој збор да е јасно на кого мисли.

„За да биде успешна, технологијата не мора да се темели на огромни складишта од информации. Адвертајзингот постоел и се развивал со децении и без тоа. Ако нашиот бизнис е изграден врз мамење на корисниците околу тоа како се употребуваат нивните податоци, тоа не заслужува пофалби туку заслужува реформи“.

Ова Тим Кук го изјави во Брисел, на Светскиот ден на заштита на приватноста на податоците при што на сите им било јасно која е метата и дека ова е директен одговор на претходниот напад на Фејсбук кој жестоко ги критикуваше промените околу приватноста кои ги спроведе Епл.

Има доста детали како се разгоруваше оваа војна, но во нејзината суштина се дијаметрално спротивните бизнис филозофии на овие два технолошки гиганти.

Епл е лајфстајл бренд и дел од таа филозофија е на корисниците да им се понуди поголема контрола на нивната приватност. Од друга страна, Фејсбук е во бизнисот на собирање, менаџирање и продавање на податоци: колку повеќе ги има, толку поефикасен е адвертајзингот кој го продава.

Но, ваквото собирање и продавање податоци доаѓа со огромна цена а крајниот исход е што човекот веќе не е корисник туку производ на платформата.

„Ние во Епл веруваме дека етичка технологија е онаа која е во твоја функција. Онаа која ти помага да заспиеш а не онаа која те држи буден. Онаа која те потсетува дека ти е доста, која ти дава простор за други содржини а не онаа која те прави зависен од бескрајни рефреширања. Социјалната дилема не мора да се претвори во социјална клатастрофа,“ моќно порача Тим Кук.