Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Познавањето на работничките права е прв чекор кон нивно успешно практикување, поради што е потребно зголемување на јавната свест на работниците, младите и работодавачите за нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. За таа цел почнува кампања „Мој труд, мои права!“ чиј почеток беше најавен денеска, пренесува Независен.
Во рамки на кампањата ќе се преземат активности со кои ќе се информираат младите кои што сѐ уште се во процес на средно или високо образование и во иднина би биле дел од работната сила, сите вработени лица од сите професии, лицата што бараат вработување, како и работодавачите за нивните права и обврски кои произлегуваат од трудовото законодавство.
Во тек на наредните шест месеци и преку активности на различни медиуми како што се социјални мрежи, интернет портали, радио, печатени материјали…, кампањата ќе понуди лесно достапни и детални информации поврзани со работничките права.
-Оваа кампања е од големо значење за информирањето и запознавањето со работничките права и обврски затоа што да се бори за своите права и да бара заштита, може само оној кој е добро информиран и запознаен со нив, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, на прес-конферецијата на која беше промовирана кампањата.
Таа додаде дека е од особена важност што идејата и иницијативата за темата која ќе биде во фокусот на оваа претстојна кампања за подигнување на свеста за работничките права, доаѓа од Економско-социјалниот совет, кој, како што рече, континуирано работи на подигнување на нивото и на квалитетот на социјалниот дијалог, на ефикасноста и ефективноста на процесот на соработка и консултации помеѓу работодавачите, работниците и Владата за сите важни политики и прашања кои задираат во економско-социјалната сфера.
Никола Бертолини, од канцеларијата на Европската унија во Скопје, истакна дека оваа кампања ќе ги информира младите со правата и обврските кои што произлегуваат од работниот однос и од трудовото законодавство. Тоа, рече, е особено важно при вклучувањето на пазарот на труд и засновање на работен однос.
-Предизвиците кои ќе се адресираат во кампањата изискуваат ангажираност и од локалните чинители да се зајакнат и да се информираат младите, да имаат повеќе информации пред или откако ќе најдат работа, за плата, за работно време, отсуства, безбедност и здравје при работа, дискриминација, мобинг, социјална сигурност и решавање на спорови…, рече Бертолини.
Директорката на Државниот испекторат за труд Јована Тренческа смета дека оваа кампања е од исклучителна важност, меѓудругото и поради фактот што, како што потенцира, искуството покажало дека превенцијата и информираноста даваат подобри резултати во сузбивањето на сивата економија, отколку репресивната политика.
Таа потесети дека сите граѓани кои веќе ги знаат своите права и сметаат дека им се прекршени можат да пријават во ДИТ на телефонскиот број 151-31 и на веб страницата на Инспекторатот. Пријавата, рече, може да биде и анонимна, но, посочи дека кога таа ќе се поднесува треба да има точни и прецизни податоци за работодаваот кој се товари дека не ги почитувал правата.
Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, смета дека треба да има казни за непочитување на правата, но, оти треба да бидат соодветни на направената повреда. Согласен е дека многу може да се постигне и со информираноста и на работниците и на работодавачите и оти во тој контекст кампањата е вистински погодик и еден од начините за подобрување на состојбите.
-Работниците ќе се информираат повеќе за своите права, за начинот на функционирање и како да ги бараат тие права, а работодавачите ќе треба да сфатат дека мора да ги почитуваат тие права, како и дека доколку не ги почитуваат ќе си имаат работа и со инспекции или со судови. Работниците не треба да се плашат да ги пријават повредите на правата. Јас мислам дека по надминување на ковид-кризата во Македонија ќе има недостиг на работници. Работодавачите ќе мора да ги подобрат условите за работа и почитувањето на работничките права ако сакаат да ги задржат добрите работници, а тие треба да бидат свесни за тоа и слободно да ги бараат своите права, рече Димитров.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски, пак, истакна дека како Синдикат, покрај поддршката што им ја даваат на работниците и се борат за нивните права, се залагаат тие да бидат целосно информирани, оспособени и обучени да знаат како да се изборат за нив.
Затоа, рече, активно сме вклучени во кампањата „Мој труд, мои права“, и сметаме дека брзата достапност и информацијата е од особено значење за подигнување на свесноста на работниците и граѓаните за нивните права од работен однос.
Кампањата во следните шест месеци ќе ја реализира Економско-социјалниот совет во соработка со проектот на Меѓународната организација на трудот, финансиран од Европската Унија.