Кривични пријави за двете лица кои им се закануваа на патници во ЈСП – двајцата се од Скопје


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако беше откриен идентитетот на двајцата насилници кои во автобус на ЈСП се закануваа дека ќе сечат глави и ќе потопат граѓани во киселина, тие заработија кривични пријави на насилство. И едниот и другиот се на возраст од 31 година. Според информациите, оној кој на видеото е со жолта јакна е лицето кое пред година и пол нападнал и вработен во ЈСП, пренесува Мкд.мк.

Тогаш тој се возел во автобус на ЈСП без билет, но бил казнет од контролор. Во автобусот не направил инцидент, но од него настрадал службеник вработен на терминалот на ЈСП на Транспортниот центар. Кога стигнал на Железничка станица, налутен дека бил казнет оти се вози без билет, насилникот бесот и лутината ги истурил врз службеникот, па влегол во просторијата и го натепал.

Од МВР за лицата од настанот од видеото објавен пред две недели, велат дека се работи за Р.З.(31) и Х.И.(31) од Скопје и против двајцата до Основнот јавно обвинителство Скопје се поднесени кривични пријави за насилство од член 386 од Кривичниот законик.

Според овој член од законот тој што друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилсгво и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Став 2 од истиот член вели дека, ако делото е извршено во група од две или повеќе лица или насилството е извршено над повеќе граѓани или сторителот телесно повредил друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Обвинителството постапува по овој предмет и треба да утврди дали се точни наводите дека по вербалните закани во автобусот, овие лица ја нападнале и девојката која што со мобилен телефон успеала да го сними целиот настан.
Иако снимката за овој настан беше обелоденета на 8 јануари, годинава, сепак утврдено е дека настанот се случил многу порано, односно на 5 ноември во автобус со број 7.

„На 05.11.2020 околу 17.30 часот во автобус на ЈСП-Скопје бр.7, на автобуската постојка „Рекорд” во автобусот влегле двете лица, кои не носеле заштитни маски, поради што во автобусот за кратко време почнала расправија помеѓу првопријавениот Р.З. и другите патници, поради непочитување на мерките за ковид-19, при што тој почнал агресивно да се однесува и да им се заканува. Потоа второпријавениот Х.И. дошол до вратата од кабината на возачот на автобусот И.Б(47) и му упатувал закани”, велат од МВР за овој настан.
По извршената идентификација на лицата, двајцата насилници се лишени од слобода и со нив е извршен разговор во полициска станица, по што е изготвена соодветна кривична пријава.

За време на инцидентот тие се закануваат дека останатите патници не знаат со кого си имаат работа, како и дека ќе ги заколат, ќе сечат глави и ќе ги стават во киселина.

„Ќе треба на некого главата да му ја сечам. Не се занесувајте. Ќе те носам и во киселина ќе те ставам. Ти не знаеш со кого си имаш работа. Што ако не е станица, овде јас кажувам. Ние сме верници, вие сте неверници и не знаете со кого имате работа”, зборуваат на видеото објавено на социјалните мрежи двете лица.

На видеото се гледа како едниот од нив удира по држачите во автобусот и прашува дали овој шоферот има станица, на што останатите патници му укажуваат дека автобусот ќе застане на станица.
Но, на тоа тој возвраќа дека и државата и полицијата ќе работат за него и тој тука кажувал кој каде треба да застане.

„Има станица или нема овој шофер. И држават и полиција ќе работат за мене. Не знаеш ти со кого имаш работа. Ако не е станица, јас овде кажувам”, се заканува еден од пријавените.