Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Тимот научници од германската биотехнолошка компанија Бајонтек (BioNТеch), кој ја разви вакцината против новиот коронарен вирус САРС-КоВ-2, развива друга вакцина, за која тврдат дека лечи мултиплекс склероза кај глувци.
Новата вакцина за мултиплекс склероза (МС) делува слично како вакцината за коронавирус, произведена во соработка со американскиот фармацевтски гигант „Pfizer“.
Дел од наследниот материјал, т.н. mRNA, се инјектира во раката и ги стимулира клетките во телото да произведат протеин кој обезбедува имунитет. Во вакцината за коронавирус, протеинот го имитира протеинот од вирусот, стимулирајќи го имунитетот да произведува антитела. Ако некое лице подоцна се зарази со тој тип вирус, имунолошкиот систем брзо произведува антитела и ја потиснува инфекцијата пред да се прошири.
Во случај со вакцината против МС, технологијата mRNA спречува имунолошкиот систем да ги напаѓа невроните во мозокот и ‘рбетниот мозок, а со тоа и губење на телесните функции. Клиничките студии на глувци покажаа дека вакцината ја лекува болеста, го спречува нејзиното напредување, па дури и враќа некои од изгубените моторни функции, пренесува „Дејли меил“.
Вакцината за коронавирус на Бајонтек е 95 проценти ефективна и е прва mRNA вакцина регистрирана за употреба кај луѓе надвор од клинички студии. Нејзината регистрација е означена како пресвртна точка во областа на имунологијата, а експертите се убедени дека може да искорени и други болести.
Информациска РНК (mRNA) е наследен материјал кој природно постои во човечкото тело. Човечките клетки го користат за пренесување на клеточни информации кои даваат упатства за производство на протеини неопходни и за одбрана на организмот. Оваа технологија се развиваше со децении, но дури сега достигна точка каде што може да се користи како вакцина.
Д-р Сахин поаѓа од претпоставката дека вакцината може да вметне генетски информации кај пациенти со МС, што ќе му наложи на имунолошкиот систем да не го напаѓа заштитниот слој околу невроните. Неговиот тим инјектира вакцина кај глувци кои страдаат од автоимун енцефаломиелитис, животински еквивалент на мултиплекс склероза.
– Вакцината ги блокираше сите клинички знаци на мултиплекс склероза кај глувците, додека контролната група имаше типични системи на болести – се наведува во соопштението на компанијата „Бајонтек“.
Некои животни страдале од симптоми на МС пред да бидат вакцинирани, како што е одземеност на опашката, а вакцината не само што спречила понатамошно напредување на болеста, туку и ги вратила моторните функции, се вели во студијата објавена во списанието Сајанс.