Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Првиот човек на американскиот Претставнички дом, претседателката Ненси Пелоси вчера повика итно отстранување на американскиот претседател Доналд Трамп преку 25-тиот амандман од Уставот, еден ден откако Трамповите поддржувачи упаднаа во американски Капитол.
„Вчера претседателот на Соединетите Држави поттикна оружен бунт против Америка“, им рече Пелоси на новинарите во Капитол, додавајќи дека Трамп извршил „бунтовнички акт“.
„Му се придружувам на демократскиот лидер во Сенатот во повикот до потпретседателот да го отстрани овој претседател со итни повикување на 25-тиот амандман“, рече таа пред новинарите. „Доколку потпретседателот и Кабинетот не постапат, Конгресот може да биде подготвен да покрене импичмент.“
„Претседателот изврши незамисллив напад врз нашата нација и нашиот народ“, рече таа.
Кратко пред тоа главниот демократ во Сенатот, лидерот на малцинството Чак Шумер, се приклучи во хорот пратеници што бараат од потпретседателот Мајк Пенс да се повика на 25-тиот амандман и заедно со Кабинетот да го отстрани Трамп од функцијата. Ако не го сторат тоа, Конгресот треба повторно да се состане за по вторпат да покрене импичмент против Трамп“, рече тој.
Пелоси му постави предизвик на Трамповиот кабинет: „Прашајте го секој член на Кабинетот, дали тие стојат на овие постапки? Дали се спремни да кажат дека во следните 13 дена овој опасен човек нема да ѝ нанесе понатамошна штета на оваа земја?“
„Ние сме на опасно место во оваа земја сè додека Доналд Трамп сè уште седи во Белата куќа“, додаде таа.
Пелоси рече дека не е сигурна кога Пенс ќе одговори на нејзиниот повик за активирање на 25-тиот амандман.
„Не мислам дека ќе биде потребно многу време да се добие одговор од потпретседателот. Ќе биде да или ќе биде не“, рече таа.
„Велам дека се молам за претседателот секој ден, и тоа го правам. Синоќа беше најтешкиот ден за мене. Во 5 часот наутро, кога конечно се вратив дома, откако вечерта се молев, си реков, ‘Мора да продолжиш да се молиш за него, мора да продолжиш да се молиш за него. Можеби, можеби има некаква надеж’. Но ние не смееме да го ризикуваме тоа бидејќи животот на луѓето е во прашање, како и нашата демократија“, рече таа.
Пелоси рече дека бара оставка од началникот на полицијата во Капитол, Стивен Санд, и дека безбедносниот началник на Домот Пол Ирвинг веќе поднел оставка, пренесе Ју-Ес-Еј тудеј. Ирвинг одговара директно пред Пелоси, додека Санд одговара и пред Претставничкиот дом и пред Сенатот.
Идниот лидер на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека ќе го отпушти безбедносниот началник на Сенатот, Мајкл Стенгер.
Пратениците остро ја критикуваа полицијата во Капитол, која во средата беше совладана од толпата и не беше подготвена за тоа.
Што е 25. амандман од Уставот на САД?
Овој амандман утврдува како може да се наследат или да се сменат американскиот претседател и потпретседател.
Според Правниот факултет Корнел, „Дваесет и петтиот амандман беше обид да се решат некои од постојаните проблеми што се вртат околу функцијата на Претседателот; односно, што се случува по смртта, отстранувањето или оставката на Претседателот и кој е патот што треба да се следи ако од некоја причина Претседателот биде онеспособен до тој степен што да не може да ги исполнува своите обврски“.
Амандманот има четири дела.
Според Енциклопедија Британика, додека првиот дел го утврдува традиционалниот процес на наследување во случај на смрт на претседателот (дека на функцијата ќе го наследи потпретседателот), во него има и една измена во врска со стапувањето на потпретседателот на функцијата претседател ако вториов се повлече од функцијата.
„Во случај на оставка, потпретседателот ќе ја преземе титулата и позицијата претседател – а не вршител на должноста претседател – со што му се забранува на претседателот на заминување да се врати на функцијата“, наведува Британика.
Вториот дел од амандманот се однесува на испразнетите работни места во канцеларијата на потпретседателот.
Во третиот дел од амандманот е утврден формалниот процес за утврдување на способноста на претседателот за извршување на овластувањата и должностите на функцијата.
Доколку претседателот прогласи дека онеспособен/а, тогаш потпретседателот ја презема должноста претседател.
Во случај претседателот да не може да прогласи дека е онеспособен, четвртиот дел од амандманот бара од потпретседателот и кабинетот заеднички да го констатираат ова и доколку го сторат тоа, тогаш потпретседателот веднаш ја презема функцијата вршител на должноста претседател.
Токму овој четврти дел од 25-тиот амандман многумина бараат од потпретседателот Пенс да го активира против претседателот Трамп.
Според него, ако потпретседателот и мнозинството министри од Кабинетот заклучат дека претседателот е „неспособен да ги извршува овластувањата и должностите на својата функција“, тие можат да го стават тоа во писмена форма и да им го испратат на лидерите на Конгресот. Штом тоа ќе се случи, потпретседателот веднаш станува вршител на должноста претседател. Ако претседателот го оспори тоа, за ова прашање одлучува Конгресот, а за на чело на државата да дојде потпретседателот, потребни се две третини од гласовите и од Претставничкиот дом и од Сенатот.
Трамп сѐ уште технички би ја носел титулата претседател, но повеќе не би имал правно овластување да стори ништо. (Барем, така функционира теоретски – ако Трамп се обиде комплетно да го игнорира ова, никој не би знаел што да прави и кујзнае како би завршило тоа), вели Вокс.
Дали Трамп има опција да си ја врати власта?
Има. Доколку на Трамп му се одземе власта, Делот 4 дава и начин на кој тој може да се обиде да си ја врати.
Прво, Трамп треба да испрати сопствена писмена изјава до конгресните лидери дека „не постои неспособност“. Но тогаш, потпретседателот и Кабинетот имаат четири дена во кои можат да ја повторат изјавата дека Трамп не е во можност да служи. Ако го сторат тоа, според амандманот, „за ова прашање ќе одлучи Конгресот“.
Конгресот тогаш би имал 21 ден за да ја разгледа работата. Ако во тој временски период две третини од Претставничкиот дом и Сенатот гласаат дека Трамп е навистина „неспособен“, тој ќе остане без власт. Ако не, ќе си ги врати овластувањата.
Интересно е што тој рок од 21 ден значи дека, во сегашната ситуација, Конгресот воопшто нема да мора да стори ништо – мандатот на Трамп истекува за 14 дена, напладне на 20 јануари.
Така, Пенс, плус околу осум министри на Кабинетот, имаат целосна надлежност да му ги одземат овластувањата на Трамп до крајот на мандатот, доколку сакаат да го сторат тоа. Тоа е единствениот правен и уставен механизам што им преостанува – ако работите навистина излезат од контрола и тие одлучат дека што е многу многу е.
Кога е воведен и дали бил користен во минатото?
По убиството на претседателот Џон Кенеди, 25-тиот амандман бил предложен од Конгресот на 6 јули 1965 година, а бил ратификуван од државите на 10 февруари 1967 година.
Според Правниот факултет Корнел, „Овие процедури беа применети во скандалот Вотергејт во 70-тите години на минатиот век, прво кога Џералд Форд го замени Спиро Егњу како потпретседател, потоа кога тој го замени Ричард Никсон како претседател, и потоа кога Нелсон Рокфелер го пополни настанатото празно место и стана потпретседател“.
Сепак, четвртиот дел од 25-тиот амандман никогаш не бил активиран. Пред Трамп, претежно се дискутирало за претседател што се разболел физички или психички (во децениите пред да биде ратификуван во 1967 година, неколку претседатели се соочувале со сериозни здравствени проблеми).
Зошто приврзаниците на Доналд Трамп упаднаа во Капитол?
Трамп постојано тврдеше, иако без валидни докази, дека претседателските избори во ноември, на кои загуби од кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден, биле наместени.
Тој ги повика своите приврзаници да го кренат гласот кога членовите на Конгресот на САД се собраа за да го потврдат пребројувањето на гласовите на Електорскиот колегиум и официјално да го отворат патот Џо Бајден да ја преземе функцијата на 20 јануари.