Месечината, Марс и подалеку – еве што ни носи 2021 во сферата на астрономијата и вселенските истражувања


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Околу еден месец откако почна новата година на Земјата, три вселенски летала ќе стигнат во близина на Марс. Овие истражувачи, кои беа лансирани во јули минатата година, ќе бидат предвесници на годината на интензивни вселенски истражувања, лансирања и астрономски појави.

Ова што следува е преглед на некои од најзначајните очекувани настани во 2021 година, кои ги селектира Њујорк Тајмс.

Средба на Марс

Обединетите Арапски Емирати, Кина и Соединетите Држави минатото лето лансираа роботски мисии на Марс, барајќи ги скратените патчиња во периодот на секои две години кога Земјата е најблиску до црвената планета. Трите вселенски летала ќе им се приклучат на раздвижената група истражувачи или во орбитата или на површината на планетата.

Првиот што ќе пристигне ќе биде орбитерот на Емиратите Ал амал (надеж), првиот истражувач на далечната вселена на малата, но амбициозна вселенска програма на арапската земја. Мисијата ќе ја проучува атмосферата на Марс, испраќајќи им вредни податоци на научниците на Земјата. Таа треба да стигне на својата дестинација на 9 февруари.

Кинеската мисија Тјанвен-1 треба исто така да пристигне на Марс на 10 февруари. Откако некое време ќе орбитира околу планетата, во мај на површината ќе испрати лендер што содржи ровер. Безбедното слетување на четвртата планета на Сончевиот систем е опасно и само НАСА го има сторено тоа повеќе од еднаш. Успешното слетување таму би го проширило рекордот на Кина во импресивни достигнувања во вселенски летови, особено по минатогодишната мисија Чанг’е-5 до површината на Месечината, а потоа назад на Земјата со свежа колекција од месечински камења.

Наскоро потоа, на 18 февруари, ќе пристигне роверот на НАСА Персевиренс и веднаш ќе се втурне кон површината на Марс. Доколку успешно слета, роверот ќе бара знаци на изумрен живот во исушеното кратерско езеро и речно корито. Но прво ќе го пушти Инџенуити, мал хеликоптер. Тој уред има своја сопствена мисија да го спроведе првото погонувано полетување од површината на друга планета.

Пристапување до месечинската површина

Додека Кина во последните седум години трипати спушти вселенско летало на Месечината, НАСА нема слетано таму од 1972 година, последната мисија на Аполо. Тоа може да се промени во 2021 година, продлабочувајќи ја комерцијалната трансформација на американските вселенски потфати.

Во изминатата деценија НАСА работеше со приватни компании за градење и управување вселенски летала што можат да носат товар, а сега и луѓе, до Меѓународната вселенска станица. Слични се и нејзините обиди со Комерцијални лунарни товарни услуги. Програмата склучи договор со голем број приватни компании за изградба на роботски лунарни лендери што ќе носат товар од НАСА и други клиенти до површината на Месечината.

Првата компанија, Астроботик од Питсбург, планира да го лансира својот лендер Перегрин на Месечината во јуни. Во октомври може да следува Нова-Ц, вселенско летало изградено од компанијата „Интуитив машинс“ од Хјустон.

НАСА, исто така, годинава се спрема за враќање астронаути на Месечината. Нејзиниот прв чекор ќе биде пробен лет без екипаж од масивниот Систем за вселенско лансирање, изграден за идните американски лансирања во далечната вселена. Ракетата се соочи со многу одложувања и пумпање на трошоците, но НАСА сепак за 2021 година планира патување познато како Артемис-1. Ќе го испрати Орион, капсула за астронаути, околу Месечината и назад на Земјата. Тој тест е закажан за ноември.

Подалеку во далечната вселена

Научно најзначајната мисија во 2021 година веќе долго време ја чекаме. Лансирањето на вселенскиот телескоп Џејмс Веб, наследникот на телескопот Хабл, се одложуваше со години, поради технички проблеми и сѐ поголеми трошоци. НАСА и светските астрономи и планетарни научници едвај чекаат да го видат полетан кон крајот на октомври. Агенцијата се реши на тој тајминг откако пандемијата на коронавирусот и други проблеми предизвикаа уште едно одложување на постојниот распоред.

Двајца други истражувачи на НАСА исто така ќе тргнат низ Сончевиот систем.

Вселенското летало „Двоен тест за пренасочување астероиди“, кое ќе биде лансирано во јули, има цел да тестира дали леталото може да одврати некој иден астероид упатен кон површината на Земјата. За да го стори тоа, тој ќе ги посети Дидимос, пар астероиди во близина на Земјата што заедно патуваат околу Сонцето и ќе се обиде со судир да ја поттурне орбитата на помалата карпа.

Втората мисија, Луси, ќе биде лансирана во октомври и ќе патува многу подалеку, правејќи прелети низ орбиталната патека на Јупитер. Таму ќе ги проучува Тројанците – астероиди што патуваат во истата орбита како Јупитер, но стотици милиони милји пред или зад него, заробени таму од гравитацијата на џиновската планета. Научниците сметаат дека овие вселенски карпи може да кријат тајни за тоа како се формирани надворешните планети на Сончевиот систем.

Одисеја во орбитата

Човечките вселенски летови беа трансформирани во 2020 година, кога Спејсекс успешно лансираше два екипажи до вселенската станица. Компанијата во 2021 година најверојатно ќе однесе уште астронаути во орбитата, и не сите од нив ќе бидат вработени во НАСА и во други владини вселенски агенции. Повеќе компании работат со Спејсекс во капсулата Кру драгон да лансираат клиенти што плаќаат. Една од нив, Аксиом спејс, би можела да ги испрати своите први приватни туристи до вселенската станица кон крајот на годинава.

Кога НАСА го одбра Спејсекс да изгради средства за транспорт на нејзините астронаути, го ангажираше и Боинг да го стори истото. За време на тестот без екипаж до орбитата во декември 2019 година, низата грешки за малку не доведоа до катастрофално губење на капсулата Старлајнер на Боинг. За да надомести за овој неуспешен лет, Боинг веќе во март ќе изврши втор пробен лет.

Годинава може да има и други човечки патувања во вселената. „Вирџин галактик“ и „Блу ориџин“ во 2021 година може да испраќаат клиенти со билети на кратки патувања до работ на вселената и назад. Кина во текот на годинава исто така би можела да почне со лансирање парчиња од својата вселенска станица од следната генерација, подготвувајќи ја за редовно присуство на луѓе во ниската Земјина орбита во годините што доаѓаат.

Спектакл во Сончевиот систем

Ако 2020 година ги научи луѓето на нешто, тоа е да го очекуваме неочекуваното. Додека ковид-19 го помрачи светот, човештвото беше изненадено од глетките на кометата НЕОВИСЕ во летните месеци и беше воодушевено од спојот на Јупитер и Сатурн за време на зимската краткоденица. Универзумот е голем и има толку многу нешта што може да се видат од нашето мало парче од него.

Затемнувањето на Месечината на 26 мај ќе се преклопи со периодот кога Месечината е поблиску до Земјата од вообичаеното, она што некои го нарекуваат „супер крвава месечина“. Луѓето во Австралија и на островите во Пацификот, како и во западниот дел на САД, ќе имаат најдобра глетка кон појавата, а дел од неа ќе биде видлив и во други делови на Америка, како и во Источна и Јужна Азија.