Хрватското тло не мирува, Хрватска ја тресат нови потреси – 2 јануари прогласен за Ден на жалост


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во Хрватска и денеска се регистрирани серија земјотреси со помала јачина од вчерашните, но доволно силни кои сеизмолозите велат дека не се за потценување.

Утрово во подрачјето на Петриња во 6 и 15 е регистриран потрес од 4,7 степени по рихтер, вториот малку подоцна со јачина од 4,8 степени и уште еден од 4, 1 степен. Епицентарот бил на 14 километри од Сисак.

Силниот земјотрес кој вчера зеде седум човечки животи, и остави многу семејства без кров над глава ги натера граѓаните од централна Хрватска да излезат на улица и под отворено небо да го дочекаат следното утро. Стравот е присутен и денеска, материјалната штета е голема, спасувачките екипи и понатаму остануваат на терен.

Со едноминутен молк за загинатите започна денешната седница на хрватската Влада , на која е донесена одлука да се издвојат 120 милиони куни за помош на најпогодените места. Втори јануари е прогласен за ден на жалост, а Премиерот Пленковиќ упати повик до граѓаните да внимаваат каде донираат бидејќи биле отворени и лажни сметки.

Тешките мигови го обединија Балканот. По вчерашната одлука на македонската Влада за донација од 6 милиони денари, денеска од Србија стигна веста дека ќе помогнат со милион евра за Хрватска. Најава стигна и од Албанија, а се почести се и индивидуалните хумани гестови. Хрватскиот ракометен репрезентативец кој играше во Вардар е еден од нив – тој ја понуди својата куќа во Огулин за оние семејства кои немаат каде да престојуваат.