Бугарска работа – го преименуваа празникот 24 Мај


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со одлука и изгласување од страна на бугарскиот парламент, во Бугарија националниот празник 24 доби ново име.

Со измените на Законот за работни односи, во текот на вчерашниот ден, кои добија поддршка од ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, како и од „Обединети патриоти“, празникот 24 Мај од Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо се преименува во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, за бугарската азбука, образование и култура и за словенската литература, објави БГНЕС, а пренесува 360 Степени.

Георги Гоков од БСП се спротивстави на тоа, според кого Законот за работни односи не е место за решавање на историски спорови. Овој потег, како што рече, нема за цел да изгради национална самодоверба и патриотизам, туку да го одвлече вниманието на бугарското општество од сегашните проблеми, пренесува offnews.bg

Милен Михов од „Обединетите патриоти“ ја спореди позицијата на БСП со изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, во која тој рече дека словенското писмо дошло во Русија од македонските земји.

На 1 октомври бугарското собрание со 73 гласа „за“, 4 „против“ и 34 „воздржани“ го усвои во прво читање предлогот на коалицијата „Обединети патриоти“ предводена од ВМРО-БНД на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, која е дел од владата на Борисов, за преименување празникот 24 Мај.

Формулацијата „празник на словенското писмо“, според „Обединети патриоти“, била измислена од Комунистичката партија на Бугарија пред 30 години.

Врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и на извештајот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, македонската Влада минатата година ја прифати сугестијата за заедничко чествување со Бугарија на св. Кирил и Методиј.

Гласањето во бугарскиот парламент е истиот ден кога специјалниот претставник на Владата Владо Бучковски беше во прва посета на Софија, чија цел е, како што изјавија на заедничката прес – конференција со бугарската министерка за надворешни работи Захариева, обнова на нарушената доверба меѓу двете земји.