Новиот француски закон за безбедност ја загрижи Европската комисија


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Европската комисија (ЕК) изрази загриженост поради контроверзниот француски закон за безбедност кој денес треба да биде изгласан во долниот дом на францускиот парламент, наведувајќи дека на новинарите мора да им се обезбеди „својата работа да ја вршат слободно и сосема безбедно“.

Спорниот закон, кој денес треба да биде усвоен во долниот дом на францускиот парламент, забранува објавување фотографии и снимки од полицајци „од злонамерни побуди“, пренесува Политико.

Француската влада во објаснувањето наведува дека таквата одредба е неопходна за полицајците да се заштитат од насилни акти, но групите за одбрана на граѓанските слободи и слободата на медиумите не се сложуваат со тоа, па за време на викендот беа одржани и улични протести на кои беше барано парламентот да го отфрли предлог законот.

„Кога членките на ЕУ усвојуваат прописи кои ја регулираат безбедноста мора да го почитуваат принципот на воспоставување рамнотежа меѓу безбедноста и граѓанските слободи“, изјави портпаролот на Европската комисија.

По бројните критики француската влада во предлогот додаде одредба која би требало да обезбеди слобода на медиумите, но критичарите тврдат дека и покрај тоа законот е така напишан што секој полицаец може на новинар да му забрани да снима или фотографира, што секако ќе дејствува обесхрабрувачки на оние кои сакаат за нешто да пријават полициски службеник.

Од канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Франција беше предупредена дека законот во обликот во кој е предложен „може да води кон сериозно кршење на човековите права и основните слободи, а особено правото на слобода на изразување“.

И француската омбудсманка за човекови права КЛер Хедон изјави дека законот може да претставува „значителен ризик“ за слободата на информирањето.

„Објавувањето фотографии и снимки од полициски интервенции не само што е легитимно, туку и неопходно за функционирање на демократијата“, кажа Хедон.