Зимскиот распуст за учениците, сепак, нема да почне порано – учебната година ќе трае до 30 декември


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако во јавноста се раширија серија гласини дека ученичкиот зимски распуст за основните и средните училишта ќе почне на 15.декември поради актуелната криза со епидемијата на корона вирусот,на таа тема се огласи министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Царовска апелираше дека нема причина за зимскиот распуст да почне порано, бидејќи засега нема драстичен раст на бројките на позитивни наставници и ученици во училиштата.

Ова го кажа Царовска во вечерашното гостување на Телевизија 24. Таа додаде дека за да има логика да се скрати наставата и распустот да почне порано, треба да се приложат аргументи.

„Зошто дополнително би им скратиле настава на учениците, којашто во континуитет се одвива, без да има ескалација на заразени во училиштата. Под 1 процент од вкупниот број на наставници се позитивни, а помалку од 0,06 проценти од учениците. Тоа укажува дека согласно планот по кој се одвива наставата од први октомври, наставата треба да продолжи, се додека состојбата не се промени драстично“, рече Царовска.

Според последниот извештај бројката на активни случаи на наставници кои биле со физичко присуство на настава е 280. Царовска ги негираше тврдењата на СОНК дека во моментот има над 1 000 заразени наставници.