ОБСЕ: Трамп флагрантно ја злоупотребува својата позиција со барањето да престане броењето на гласовите


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Меѓународните изборни набљудувачи на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) вчера изнесе обвинување упатено кон американскиот претседател Доналд Трамп за „флагрантна злоупотреба на позицијата“ бидејќи бара сопирање на броењето на гласовите на претседателските избори пред тој процес да заврши.

„Она што е навистина вознемирувачко е што шефот на државата на САД побара крај на пребројувањето (на гласовите) среде претседателскиот натпревар за Белата куќа, односно со сите ознаки на моќ, и тоа поради наводна своја победа. Тоа е флагрантна злоупотреба на позицијата“, изјави германскиот пратеник Михаел Георг Линк, координаторот на меѓународните набљудувачи задолжени за следење на изборите во САД.

Трамповиот изборен штаб завчера вечерта побара прекин на броењето на гласовите во државите Пенсилванија и Мичиген, како и повторно броење на гласовите во Висконсин.

Линк за германскиот весник Штутгартен цајтунг повтори дека Трамповите обвинувања за манипулации се „неосновани“.

ОБСЕ изрази загриженост поради можните долгорочни последици од ставот на американското јавно мислење доколку продолжат сомнежите во правилноста на изборниот процес.

„Главната грижа е што САД не успеваат да се ослободат од духовите на кои Трамп се повикува“, кажа Линк.

Според него, дури и ако Трамп признае пораз и му ја предаде претседателската функција на својот наследник како што би требало, неговите поддржувачи, поттикнати од неговата реторика, би можеле да го сметаат насилството за легитимно оружје, бидејќи повеќе не се чувствуваат демократски претставени.

Линк предупреди дека тоа е опасност што би можела да трае долго по изборите.