Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Историските научници од Македонија и Бугарија денес, по пауза од речиси една година, повторно ќе седнат на заедничка средба за продолжување на дијалогот кој се води во рамки на билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија.
Десеттиот состанок на Комисијата, која е формирана со цел да најде заеднички јазик за надминување на разликите на двете земји во однос на одредени историски случувања, се одржува во затегната атмосфера, откако Софија постави ново условување пред Скопје во однос евроинтеграцискиот процес.
Бугарија неодамна до земјите-членки на ЕУ го достави појаснувачки меморандум, во кој меѓудругото се негира македонскиот јазик и македонската нација, а тврдите бугарски позиции биле потврдени и на средбата минатата недела во Софија меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Екатерина Захариева.
Македонскиот државен врв во континутет потенцира дека јазикот и националната припадност, односно идентитетските прашања се нешто што не смее да се оспорува во 21. век, но сепак бугарската страна не попушта пред нејзините тези за потеклото на јазикот во соседната земја, но и за потеклото на нацијата, за која во појаснувачкиот меморандум меѓу другото се вели дека е Титова творба.
Премиерот Зоран Заев минатата недела излезе со изјава дека македонскиот народ можеби треба да се подготви дека во декември нема да се одржи првата Меѓувладина конференција со Европската Унија, поради неевропските барања, кои Бугарија ги поставува до нас, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак изјави дека на средбата со Захариева на Османи му бил даден предлог за постигнување нов договор, налик на Преспанскиот, кој ќе предвидува уставни измени и со кој ќе се дефинира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик од 1945 година па навака.
Шефот на дипломатијата вчера ги демантираше овие тези на Мицкоски, нагласуваќи дека нов договор нема и оти на средбата станало збор за зајакнување на меѓусебната комуникација на сите нивоа.
Реакции за последните случувања сигнуваат и од Софија и пошироко, а според бугарските аналитичари Бугарија ќе биде притисната да не го блокира евроинтегративниот процес на Македонија, бидејќи за тоа најголема поддршка ќе даде официјален Берлин, поточно германската канцеларка Ангела Меркел.
На десеттиот состанок на Комисијата, кој ќе се одржи денеска и утре во Скопје во Клубот на пратеници, нејзините членови ќе разговараат за прашања и теми во насока на надминување на истриографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на ова тело, кое произлезе од Договорот за добрососедство.
На средбата, меѓудругото, е предвидено да се заврши со веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Македонија.
Покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата.
Заедничката македонско-бугарска комисија досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев. Досега, за период од две години Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени се препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 7 одделение/6 клас.
Претседавачот на македонскиот тим во Комисијата Драги Ѓоргиев во изјава за Дочје Веле уште минатата година рече дека на состаноците на Комисијата, бугарските претставници избегнуваат во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“ и „македонска култура“.
Според него, избегнувањето на придавката „македонски“ бугарските членови го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде што таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.
„Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја од втората половина на 19 век до 1944 година и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија“, рече тогаш Ѓоргиев.
По завршувањето на дводневниот состанок утре во 17:45 часот во Клубот на пратеници е предвидена заедничка изјава за медиумите на двајцата копретседатели на Комисијата, Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна.