Истражување на ПИНА: Во Министерството за политички систем плата земаат околу 1.400 лица, а на работа одат само 44


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Една и пол година по формирањето, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците сѐ уште е во фаза на просторно консолидирање и кадровско екипирање. Иако на платниот список има околу 1400 формално вработени лица, сепак, моментално, според информациите што ги добивме, во рамките на Министерството реално работат 44 лица, вели истражувањето на ПИНА.

Но, како што велат оттаму, тенденцијата е во иднина бројката да достигне околу 150 лица, со цел навремено и квалитетно да се остваруваат утврдените надлежности.

Дел од овие 44 лица кои секојдневно ги извршуваат работните обврски сега се стационирани во централниот дел на Владата, каде што всушност се наоѓа и кабинетот на министерот Артан Груби. Во друг дел од владината зграда, пак, поточно во седмата купола, се наоѓаат работните простории на друга група вработени. Најпосле, уште еден дел од нив се наоѓаат во зградата на Министерството за земјоделство, каде што беа преместени во периодот кога се реконструираше владината зграда и останаа таму до ден-денес.

Со цел да направиме увид на самото место како функционира ова најново министерство во државната управа, ја посетивме владината зграда, каде што разговаравме со државниот секретар Рами Ќерими, како и со неколку вработени во Министерството, кои се дел од институцијата уште од времето кога таа функционираше како Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор. Тие тврдат дека Министерството функционира непречено и тековно, обидувајќи се на транспарентен начин да ги врши задачите за коишто е формирано.

„Како што е познато, ова министерство е формирано со трансформација на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, така што во својата смисла и суштина ги има вредностите и целите на Рамковниот договор. Со тоа што сега институцијата функционира како министерство, политичката сила и тежина е поголема, а надлежностите се проширени и засилени. Проблем е тоа што сега вработените се поделени на повеќе места, а во Владата нема просторни услови да функционираме, но се обидуваме да го решиме тоа прашање“, ни изјавија од Министерството.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ОРГАНИТЕ И НАДЛЕЖНОСТИТЕ

На врвот на пирамидата на Министерството за политички систем е министерот Груби, под чија директна надлежност, покрај тројцата посебни и тројцата кабинетски советници, кои сѐ уште не се именувани, се и две управи. Станува збор за Управата за афирмирање и унапредување на културата и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, коишто досега функционираа како независни и самостојни органи, надвор од овој владин ресор.

Доколку се анализира Правилникот на Министерството, тогаш се чини дека поголемо значење има Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, имајќи предвид дека, покрај останатото, го следи и го унапредува образованието на јазиците на „помалите“ етнички заедници, се грижи за целосна застапеност на припадниците на заедниците во процесот на воспитанието и образованието на сите нивоа, учествува во процедурите за донесување наставни планови, учествува во изготвувањето на законите и другите прописи од областа на образованието итн.

Во врска со Управата за афирмирање на културата на припадниците на заедниците, не може да се забележат некои поконректни надлежности, имајќи предвид дека се сретнуваат вообичаени фрази од типот врши работи за поттикнување и унапредување на соработката со соседните и со европските земји и сл. Сепак, исклучок од таквата констатација прави овластувањето да предлага проекти за Годишната програма на Министерството за култура и да го следи остварувањето на Годишната програма на Министерството, чија имплементација, за волја на вистината, во минатото предизвикуваше многу контроверзии во јавноста.

Според официјалните податоци што ги обезбедивме во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ако во Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците се водат 9 вработени, тогаш во втората Управа за афирмирање на културата на припадниците на заедниците не е евидентиран ниеден вработен. Како што објаснуваат од Министерството, оваа управа, пред да се формира Министерството за политички систем, била во состав на Министерството за култура, па моментално е во тек постапка за преземање на вработените.

СПЕЦИФИЧНИ СЕКТОРИ

Дополнително, под директна команда на министерот Груби се и заменик-министерот Илхан Рахман, како и државниот секретар Ќерими, кој не е јавен фунцкионер, туку највисоко рангиран административен службеник. Под надлежност на државниот секретар, пак, се 20-темина државни советници, од кои, според податоците што ги обезбедивме, 14 се за општи работи, тројца за стручна и оперативна поддршка и по еден за правична застапеност, децентрализација и годишни планови. Под негово управување се и сите одделенија во Министерството, кои, со исклучок на двете одделенија за управување со човечки ресурси и за стратешко планирање, функционираат во рамки на сектори.

И во ова министерство постојат таканаречени типични и универзални сектори какви што има во без малку сите други министерства, но постојат и сектори преку коишто се остваруваат специфичните надлежности за коишто постои и за коишто е формирано министерството. Таков, на пример, е Секторот за унапредување на меѓуетничките односи, во чии рамки постои и одделение за соработка со бизнис-секторот и којшто е во корелација со делот од владината програма за охрабрување на приватните компании да вработуваат припадници од „помалите“ етнички заедници. Исто така, карактеристични се и секторите за култура и образование и за унапредување на јазикот на припадниците на етничките заедници.

Она што се смета за клучна надлежност на Министерството се извршува преку Секторот за следење и унапредување на правичната застапеност. Овој Сектор е задолжен да ја организира, да ја насочува и да ја координира работата за обезбедување поддршка на Владата во реализацијата на обврските што произлегуваат од Рамковниот договор, преку следење и унапредување на соодветната и на правичната застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа.

„Ова Министерство е една страна на триаголникот за вработување на јавниот сектор. По извршените анализи, секој орган прави план за вработување којшто прво мора да добие согласност од Министерството за финансии, односно потврда дека има буџетски средства за таквите вработувања. Потоа, Министерството за политички систем мора да даде согласност од аспект на правична етничка застапеност, односно да укаже од кои етнички заедници треба да бидат вработените. Министерството за информатичко општество и администрација дава согласност во врска со правната процедура за спроведување на постапките и за систематизациијата. Наш претставник е дел од Комисјата за вработување во рамки на Агенцијата за администрација“, објаснуваат од МПСОЗ.

ПРЕТОПУВАЊЕ НА НАДВОРЕШНИ АГЕНЦИИ И ИНСПЕКТОРАТ

Познавачите велат дека постоењето на ова министерство не е проблематично од формален аспект, меѓутоа треба да се стави во поширок контекст на владините уверувања и заложби за рационална и ефикасна администрација. Од тој аспект, велат експертите по управно право, пожелно е да се укинат или да се фузираат многу органи надвор од Министерството што вршат исти или слични надлежности. Во таа насока, професорот на скопскиот Правен факултет Борче Давитковски предлага и укинување на цело министерство.

„Само по себе постоењето на Министерството не е проблематично, но подобро и би било да се реорганизира државната управа. Според мене, ако Министерството треба да постои, тогаш треба да се укине ресорното Министерство за инфоматичко општество и администрација, со тоа што делот на администрацијата ќе премине во ова министерство, и така МПСОМ има силни интегеренции во однос на вработувањата во јавниот сектор. Во таков случај, делот со информатика ќе оди во образование, со што ќе се рационализира државната управа“, смета Давитковски.

Од МПСОЗ велат дека начелно нема проблем да се префрлат надлежности во сегментот на администрацијата во нивниот ресор, но, како што истакнуваат од таму, засега за такво нешто не станало збор. Сепак, од таму посочуваат дека во иднина не се исклучува можноста во иднина да се зголеми бројот на органите во рамки на Министерството. Во таа насока, се размислува во ова министерство да се префрлат Агенцијата за остварување на правата на етничките заедници, Агенцијата за примена на јазикот на 20 отсто од граѓаните, како и Инспекторатот што треба да го контролира спроведувањето на Законот за јазиците.

„Констатацијата е дека сѐ уште онаму каде што министри, директори се Албанци, овој закон доследно се спроведува, па затоа потребно е функционирање на Инспекторат којшто ќе врши инспекциски контроли за спроведување на законот. Со оглед дека во МПСОЗ се инкорпорирани најголем дел од надлежностите за правата на малцинствата, вклучително и јазичните права, најпродуктивно би било Инспекторатот да се префрли во Министерството. Впрочем, секој инспекторат се води под некое министерство“, велат од Министерството.

ДА СЕ ЗЕМА ПЛАТА, А ДА НЕ СЕ РАБОТИ?

За ова министерство сѐ уште не гледаме точна и јасна политичка визија за тоа што треба едно министерство да обезбеди, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје. Дел од оваа визија, според него, се токму и оние информации за вработените кои не одат на работа.

„Тоа е нешто што многу јасно треба да го обезбеди оној план и визија кои тоа министерство треба да им ги претстави на граѓаните и како да го реши тој проблем. Ова министерство всушност ги презема тие кадри кои претходно беа во Секретаријатот. Клучниот проблем тука е идејата тие да се трансформираат во приватниот сектор, особено сега во овој период на криза, во којшто гледаме дека и самиот приватен сектор има проблеми да ги задржи вработените. Ова ќе биде подолгорочен проблем со којшто ќе треба многу помудро да се справат ако навистина сакаат да го решат тој проблем. Еден од начините е дел од овие кадри да ги испратат во доделување и обезбедување услуги во администрацијата и во јавниот сектор, но штом тоа досега не е направено, веројатно има одбивање кај тие кадри“, додава Поповиќ.

Професорот од Тетовскиот универзитет Башким Селмани вели дека целта на Министерството е да се адресираат одредени слабости на претходните влади, но секоја влада нуди реформи во администрацијата и во тие реформи требало да се вклучат и оние кои се вработени а не се на работните места.

„Ниту една влада досега нема направено математичка пресметка колку им чини еден администратор, колку вложува тој во своето работно време и дали работи со загуба или не. Ниедна Влада нема направено истражување колку граѓаните ги чувствуваат тие реформи. Повеќе се направени политички реформи меѓу политичките партии, а никој не води сметка каква е реалната состојба. Ова министерство, по мое, како основна стратегија мора да води сметка колку има вработени и дали во таа една институција се доволни 20 или се држат 80 луѓе“, вели Селмани.

СЀ УШТЕ СЕ СЕЛАТ И КАДРОВСКИ СЕ ЕКИПИРААТ

Министерството за политички систем оддава впечаток дека е веќе стабилизирано во политичкиот систем од формалноправен аспект, со дефинирани надлежности и обврски, и со тенденција уште повеќе да се проширува во следниот период. Меѓутоа, истовремено, факт е дека административците што моментално учествуваат во работниот процес се недоволни, па во иднина тие најавуваат и зголемување на бројката за плус 100. Автоматски, тоа бара и решавање на прашањето со просторните услови за работа.

„Во моментот се ангажирани 44 вработени и за нив се обезбедени услови за извршување на секојдневните задачи што произлегуваат од работниот однос. Имајќи предвид дека се работи за ново министерство, во блиска иднина, согласно потребите на организациските единици, се планира зајакнување на капацитетите со ангажирање на дополнителен кадар од вработените во Министерството, кои сѐ уште не се распределени, а кои ќе бидат сместени во новите простории на Министерството, каде што ќе бидат обезбедени сите услови за нормално функционирање“, стои во дописот со одговори што ни го испратија од Министерството.

Случајно или не, паралелно со изработката на нашата сторија, првиот вицепремиер Артан Груби излезе со изјава дека Владата размислува за посебен закон за рамковните вработени кои не одат на работа.

Иако Министерството сѐ уште не е екипирано и не функционира во полн капацитет, сепак троши големи буџетски пари, како резултат на големиот број вработени што ги презеде од Секретаријатот. Се работи за таканаречените рамковни вработувања, односно за административци од редовите на малцинствата, пред сѐ од албанската етничка заедница, но и од другите „помали“ етнички заедници.

Официјалните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека Министерството за политички систем за 2020 година има буџет од 542.785.000 денари, од кои трошоците за вработените за плати изнесуваат 523.665.000 денари. Практично, Министерството скоро сите пари ги троши на вработените, чија бројка, според регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација, заклучно со минатата 2019 година изнесува 1460 лица. Во меѓувреме, велат од Министерството за политички систем, оваа бројка паднала на 1401.

Автори на истражувањето од ПИНА: Влатко Стојановски и Кристина Озимец

Извор: ПИНА