Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во очи денешното официјално отворање на 22. Модниот викенд Скопје во чиј фокус ќе биде одржливата мода, вчера вечерта, модните вљубеници имаа можност да уживаат во „час по историја“ за македонската мода.
Настанот насловен „Три генерации македонска мода – пренос на знаење“ што се oдржа вчера попладне на платото на вила Водно, го отвори сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска. Првата дама со пиетет зборуваше за основоположниците на модата во нашата земја и важноста да се поддржат младите креативци во нивните понатамошни надградувања, како образовно, така и кариерно.
Исто така ја нагласи нужноста за одржливо, еколошко и етичко работење во модната и текстилната индустрија која тешко беше погодена од пандемијата. Првата дама исто така акцентираше дека со промоцијата на македонскиот дизајн се промовира својата земја и дека таа инсистира на официјални настани во странство да носи креации на македонски дизајнери.
„Преку промоција на младите дизајнери, да го поддржиме развојот и унапредувањето на македонскиот дизајн, а преку него заштитата на културното наследство и воедно промоција на текстилната индустрија, која има важен удел во развојот на економијата во земјава. Неопходно е да се стави акцент на еколошкиот момент во дизајнот и грижата за животната средина преку креации од рециклиран материјал.“
Дизајнерката со светска кариера и редовен професор на ТМФ Лидија Георгиева, во чии креации често ја гледаме првата дама (како што беше случај и вчеравечер), следеше со ревносна презентација на нејзините почетоци во областа на уметноста, дизајнот и модата, нејзиното образование во Париз и секако – работата во изминативе осум години со студентите на моден дизајн при Институтот за дизајн и инженеринг на облека на ТМФ/УКИМ.
„Интересот за дизајн и креативни индустрии кај нас и во светот е во подем, па така, се работи за интересна презентација, која може да ги мотивира идните креативци, а и оние кои веќе се определени. Јас и професорката Зорица сме завршиле студии во Париз, па секако француската мода и култура ќе бидат во центарот на вниманието“, ни најави Георгиева пред одржувањето на настанот.
По неа следеше излагањето на вонредната професорка во пензија и костимограф Зорка Тодорова-Младеновиќ, која живописно ни ги пренесе скромните почетоци на идејата за мода и текстилна индустрија во земјава, од 60-тите, па сѐ до нејзината последна ревија во 90-тите. Таа исто така ја презентираше нејзината новоиздадена книга „Како да станам моден дизајнер“.
Што може да очекуваме од иднината на модата кај нас (а надежно и во светот), покажаа двете апсолвентки при Институтот за дизајн и инженеринг на облека на ТМФ/УКИМ – Љубица Беќарова и Катерина Димитровска – кои ги презентираа своите досегашни трудови и визии за иднината.
Извор: Кајгана