Кој во училница, кој пред компјутер – за 270.000 основци и средношколци денес почнува учебната 2020/2021 година


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денес, за 270 илјади основци и средношколци, започнува веројатно една од поконфузните и помачни учебни години – учебната 2020/2021. Пандемијата на коронавирусот предизвика многу неизвесности во однос на спроведувањето на наставата за учениците. Дел од учениците денеска ќе бидат во училниците, на два метри од своите другарчиња, а најголемиот дел дома, пред компјутер на онлајн настава или пред телевизор. Тестот на Националната платформа за учење на далечина беше сосема неуспешен.

Креаторите на платформата, професорите од ФИНКИ и претставниците на Министерството за образование уверуваат дека слабостите на платформата се отстрануваат и дека сѐ ќе биде во ред.

Министерката за образование Мила Царовска очекува дека најголем дел од учениците и наставниците денеска без проблеми ќе може да се приклучат на делот „Мајкрософт тимс“ каде што се креирани часови по одделенија и дека наставата ќе почне со двонасочна комуникација. Оваа апликација на „Мајкрософт“ поактивно ќе се користи додека се надминат слабостите со платформата која на моменти на пад не може да отвори одредени функционалности, кога во исто време се приклучени голем број наставници и ученици, рече Царовска.

„Важно е образовниот процес да стартува, а ресурсите со кои располагаме се тие. Ние за три недели направивме децениски скок во дигитализација на образованието во државата. Она што го имаме, со тоа располагаме, ова е огромна лекција зошто треба да се инвестира тековно и неодложно во образованието“, изјави вчера Царовска по реакциите во јавноста за проблемот со функционирањето на платформата.

На платформата треба да се приклучат 270 илјади корисници, ученици и наставници. За време на тест периодот се најавиле 160 илјади.

Настава со физичко присуство на учениците и наставниците и почитување на здравствените протоколи ќе се одвива главно по подрачаните училишта кои имаат помалку ученици. Околу 600 основни и средни училишта добиле дозвола наставата да ја почнат со присуство на учениците, а барања поднеле над 860 училишта. Одобренијата Комисијата за заразни болести ќе ги ажурира месечно во зависност од епидемилошката состојба.

Во некои општини веќе се најавува бојкот на наставата ако за нивното училиште не се добие дозвола за изведување на настава со физичко присуство. Од Сојузот на средношколците исто така најавија дека наставата ќе ја бојкотираат од ноември ако не се исполнат нивните барања да се организира комбинирана настава во општините со стабилна состојба со вирусот.

Министерката Царовска потсети дека одлуките за онлајн наства или за физичко присуство тековно ќе се ревидираат во зависност од препораките на здравствените власти и поединечно од состојбата во општините.

„Бојкоти и протести нема да ја сменат одлуката за заштита на јавното здравје, а тоа е главната цел и сè се темели на факти и анализи. И ние сме за тоа училиштата да ни се полни со ученици, но мора да се прилагодуваме на состојбата. Ова е нужност, не е ни желба, ни хир. Наставата во овие услови е променлива, динамична и со многу предизвици и затоа нема универзално, туку индивидуални решенија“, рече Царовска.

Настава ќе има и на Македонската радио-телевизија за околу 40 илјади ученици кои немаат соодветни ИТ-уреди. Часовите за секој наставен предмет ќе бидат опфатени во 15-минутни видеа и во распореди што ги утврди Бирото за развој на образованието за учениците од прво до деветто одделение. Почетокот на ТВ-наставата ќе биде секој ден во 8.30 часот. За овие ученици исто така се предвидени и печатени материјали кои наставниците ќе им ги доставуваат на родителите.