Осум банки со интерес за соработка со „Пошта“ – понудите треба да се достават до крајот на овој месец


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Работењето на Македонска пошта е сериозно нарушено од пропаѓањето на Еуростандард банка, поради што „Пошта“ на дневна основа генерира големи загуби, поради оневозможување на услугата во платниот промет во над 330 поштенски единици на територијата на целата држава.

Банките кои изразија интерес да го вршат платниот промет во единиците на Пошта до крајот на месецот треба да одговорат за условите што ги нудат, по што процесот ќе продолжи со состаноци меѓу двете страни и избор на банка што ќе го преземе платниот промет во поштенските единици, по пропаѓањето на Еуростандард банка, пренесува 360 Степени.

Интерес за склучување договор со Пошта пројавија осум банки. Меѓу нив, НЛБ Банка официјално соопшти дека пројавила интерес за соработка, а оние банки што ги контактирала МИА интерес пројавила и ТТК банка.

Вклучени во процесот наведуваат дека важно при изборот на банката што ќе го склучи договорот е компатибилноста на софтверот што го воспоставила Еуростандард банка во поштенските единици, за да не се губи време во нова обука на вработените.

Платниот промет во Пошта до 12 август го вршеше Еуростандард банка, на која Народната банка и ја одзеде дозволата за работа. Со тоа престана да се врши платниот промет во поштенските единици, а синдикатот на вработените побараа решение на проблемот.

Стечајот на Еуростандард банка сериозно го наруши работењето на Македонска пошта, која на дневна основа генерира сериозни загуби на финансиското работење со оневозможување на услугата во платниот промет во над 330 поштенски единици на територијата на целата држава. Дополнитело, и прекинот на услугите во меѓународниот сообраќај и намалувањето на приходите во внатрешниот пазар изминатите шест месеци, како последица на коронавирусот, кај 2 300 вработени влева сериозна загриженост и страв за иднината на компанијата, редовната исплата на плати и зачувување на работните места, посочија од синдикатот.

Писмото за деловна соработка АД „Пошта“ го достави до сите банки, откако Владата даде согласност за почнување на постапката за преговори за склучување нов договор за услугите за платен промет.