Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
На официјалната работна средба помеѓу претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, во присуство и на потпретседателите на Сојузот и експерти се дискутираше за актуелните неповолни состојби во економијата, како и за предложените 25 мерки за економски спас.
Во фокус на средбата беше неопходноста од носење економски пакет-мерки кои ќе дадат директна помош на стопанството. Арсовска истакна дека само со заедничка акција на релевантните чинители во општеството, како и со соодветни решенија за проблемите на претпријатијата може да се стабилизираат состојбите во економијата, пренесува Макфакс.
„Дел од клучните предизвици од чие надминување зависи подобрувањето на состојбите во економијата се во ингеренции на Министерството за финансии. Во таа насока пораката на Сојузот е нашите 25 мерки за економски спас да се реализираат според утврдените приоритети со директна помош за претпријатијата, а не со социјални мерки бидејќи тој пристап е неодржлив, односно не создава нова додадена вредност. Приоритет треба да биде наменски и рационално искористување на буџетските средства со цел да се обезбеди стабилност во економијата. Без очекуваната директна помош како фискален стимул, проекциите се лоши“, изјави Арсовска и додаде дека на сите кои работат регистрирано и плаќаат даноци треба да им се помогне безусловно.
На средбата претседателот на Сојузот на стопански комори, Арсовска, истакна и дека одлуките мора да се носат во партнерски и инклузивен процес, бидејќи само така донесените решенија ќе може да се имплементираат и да дадат добри резултати.
Министерот Бесими ја истакна важноста од партнерството на Владата со приватниот сектор, порача дека покрај мерките кои што се преземаат важна е конзистентноста.
Тој нагласи дека потребно е приватниот сектор да се поттикне за да креира нова додадена вредност.
„Новиот сет на мерки ќе биде таргетиран. Економските мерки што покажаа резултат ќе продолжат, но ќе се редизајнираат со цел зголемување на нивната ефикасност. Мерките ќе се темелат на три столба, првиот столб го опфаќа социјалниот и здравствениот аспект, вториот е фокусиран на економијата и вработувањата со цел одржување на ликвидноста и третиот е насочен кон одржување на макроекономската и фискалната стабилност“, изјави Бесими и додаде дека максимални се заложбите за обезбедување средства од расположливите меѓународни финансиски институции и од буџетот со цел економските циклуси да не запрат.
Сојузот на стопански комори на Македонија смета дека со предложените економски мерки кои треба да се имплементираат на краток рок во соодветна временска рамка ќе се помогне во одржување на ликвидноста на компаниите, која е сериозно нарушена. На долг рок ќе бидат дополнително предложени системски мерки за економски развој кои треба да следат по фазата на економско стабилизирање.
Сојузот на стопански комори на Македонија како највисока форма на организирање на национално ниво е најголемата деловна мрежа која застапува преку 35 стопански комори и организации.