Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Допуштете, г. премиер, да потсетам: веќе во 1954, на бугарската наука за јазикот (и политика!), ѝ стана наполно јасно дека нема никакви изгледи на успех во нејзините напори да го убеди светот, со научни аргументи, дека нашиот јазик бил некој дијалект на бугарскиот, или „второстепена кодификувана норма“ врз основа на актуелниот бугарски литературен јазик, како што се вели сега во Меморандумот на бугарската влада до земјите-членки на ЕУ.
Ѝ стана јасно, затоа што, во таа далечна 1954, на првиот собир по војната на славистите од светот, одржан во Белград, еден од најголемите лингвисти на минатиот, 20 век, Роман Осипович Јакобсон, сакал да го прочита (за тоа сведочи Конески) својот реферат на најмладиот литературен јазик (македонскиот) во семејството словенски јазици. За таа цел тој знаменит лингвист и му се обратил на Конески да му го преведе рефератот на – македонски. Како постапило првото име на нашата наука за јазикот, Конески, во тие сепак деликатни околности?
Тој му објаснил на знаменитиот лингвист дека тоа би било „незгодно“, дека би можело да да биде разбрано, особено од делегација на бугарските слависти во Белград, како „прсти на политиката“ во науката за јазикот, или, токму онака како што сега тврдат бугарските меморандисти кога велат дека македонскиот јазик и нација биле (зло)дело на комунистичката елита на екс-Југославија, чија скриена цел била да ги пресече врските на „македонските Бугари“ со нивната матична „родина“ – Бугарија. Јакобсон, како што сведочи Конески, наполно ги уважил тие аргументи и затоа прочитал неколку реченици на руски (тој е Русин по култура и Евреин по етничко потекло; во текот на војната емигрира во САД), а потоа продолжил да го чита својот реферат на англиски.
Јас се задржувам тука, г. премиер, на тој детаљ, затоа што добро објаснува дека сегашниот Меморандум на владата на г. Бојко Борисов не е ништо друго освен резиме на ставовите на Политбирото БРП (к) од 1948, чиј организационен секретар беше Г. Чанков. Тој Чанков напиша, во октомври од таа 1948 (или два три-месеци по Резолуцијата на Коминтерната што ја осуди тогашна Југославија дека „скршнала“, за некој „грст долари, од „прјамалинејниот“ политички курс на социјализмот) во „Работническо дело“ брутален напад врз македонскиот јазик и нација, кој има силно ехо во сегашниот Меморандум на владата на Борисов и кој го препозна потпретседателот во Вашата влада, г. Никола Димитров, кога рече дека тој содржи многу „навредливи зборови“.
На тој брутален напад одговори, веќе во септември 1948, лично Конески со својата книга „По повод најновиот напад на нашиот јазик“. Тој ја разобличи не само бугарската „хегемонистичка“ (дури и „расистичка“, како што не се колеба да каже Конески во истата книга) политика, туку и српската од пред војната, на која ѝ подлегна дури и неговиот професор по лингвистика од студиите во Белград, а имено Александар Белиќ.
Тој одговор на Конески од 1948 е поправо одговор и на сегашниот Меморандум на владата на г. Борисов затоа што, како што кажав веќе, тој Меморандум не е ништо друго освен резиме на тоа што го пишуваше Г. Чанков во далечната 1948, по налог на Политбирото на тогашна Бугарија.
Јас сум наполно согласен со Вас, г. премиер, кога велите дека Вашата влада не треба да одговара на таа очигледно политичка провокација, по однос на македонскиот јазик и нација, затоа што тоа ќе отвори спирала на меѓусебни обвинувања во – недоглед.
Јас сум согласен и затоа што сум убеден дека и претседателот на бугарската влада добро знае дека тој Меморандум нема да помине во Европа. Ако не кај сите земји-членки на ЕУ, тогаш кај повеќето. Јас сум, исто така, убеден дека на г. Борисов му треба тој Меморандум повеќе како „крваво парче месо“ во челуста на радикалните националисти, кои ги има и во својата влада, а и на други важни места во бугарската политика.
Но јас сум длабоко убеден, исто така, дека тој Меморандум не смее да помине туку-така, барем во нашата интелектуална јавност.
Таа јавност треба да се активира сега за да покаже дека држи до својата совест и до својата професија (особено онаа од областа на филологијата и литературата), затоа што основата на таа совест и професија е – импозантното дело на Конески. Но јас мислам, исто така, дека и Вие имате некои обврски по тие работи. Дури и се осмелувам да речам дека тие обврски не се помали и помалку важни од оние што веќе ги исполнивте со вашата храброст да најдете начин да се реши еден долг и чувствителен спор со Грција, храброст што наиде не само на добар, туку и на егзалтиран прием во светот. Многу повеќе во светот отколку дома, кај нас, што е и разбирливо: ако не наполно, тогаш барем до некаде. Зошто мислам дека тоа прашање не треба да помине „туку-така“ во нашата јавност?
И во врска со тоа, пак ќе се повикам на големиот пример – Конески. Во 1952 (4 години по оној напад на г. Чанков), Конески објави и еден текст против својот професор од софискиот универзитет, знаменитиот лингвист и автор на една „Историја на бугарскиот јазик“, Кирил Мирчев, по потекло од Битола. Многу потоа, некаде во осумдесеттите години, Конески објаснува дека неговиот професор бил присилен да го стори тоа (од политиката, се разбира), дека му било многу жал што морал да го стори тоа, но „сеедно“, додава веднаш првото име на нашата наука за јазикот, „ние моравме да дадеме одговор“.
На Конески му е „многу жал“ затоа што се работи за лингвист од голем формат, затоа што вели дека многу му „должи“ (иако не го спомнува по име, како и А. Белиќ), дека не го вратил тој долг колку што заслужува, но не пропушта да каже дека тие негови големи учители подлегнале на искушението „цели“ што „лесно се остваруваат“. Кога го вели тоа, а во лирска форма (песната „Моите учители“) тој алудира на отстапките не неговите учители кон политиката, макар и „под притисок“.
Сега, почитуван г. премиер, сосем накусо, за Вашите обврски кон делото на Конески, но и кон македонскиот јазик и идентитет, кои се нападнати денес по ист начин и со ист речник како во 1948.
Добро е, во прво време, г. премиер, да го поттикнете Вашиот министер за култура да најде погодна форма да се преобјави книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ од Конески. Не како одговор, макар индиректен, на оној Меморандум на владата на г. Борисов, туку како можност сегашните генерации (во прв ред младите луѓе), да стекнат барем приближен увид во коренот на македонско-бугарските „междособици“, зашто таа книга одамна е недостапна, затоа што ја нема ни во трите изданија (1967, 1980, 1990) на „Избраните дела“ на Конески. Јас познавам многу млади луѓе (некои дури и ми се јавуваат кога пишувам на тема Конески и македонски јазик) што извонредно го познаваат делото на Конески, но затоа пак до неговите полемики не можат да дојдат затоа што денес тоа се тешко, или, уште подобро, недостапни книги.
Со сета искрена почит кон Вас и кон Вашата грижа да се подобри животот на луѓето (што значи, прво е економијата, а потоа културата) во нашата земја, ќе си допуштам да кажам дека „духовната храна“ („хлеб наш насушниј“) е не помалку важна од – материјалната. Или, поинаку речено, дилемата „колбас или Шекспир“ е лажна. Човек има потреба и од колбас и од Шекспир. Со тоа сакам да кажам дека културата е не помалку важна од економијата, дека без култура нема (барем добра и успешна) економија, како што без добра и успешна економија не може да има добра и успешна култура. Уште појасно кажано: тие две работи се како лист хартија: не можете да го пресечете ликот на лист хартија, а да остане цела опачината на таа хартија и обратно (Ф. Д. Сосир).
Како на практика изгледа тоа? Јас мислам, г. Заев, дека министерството за култура е не помалку важно од министерството за финансии, или она на војската, дека треба да се напушти досегашната (лоша) практика тоа министерство служи како монета за поткусурување кога се составува влада, дека таму треба да се најдат најспособните луѓе со кои располага нашата земја. А такви луѓе имаме, и тоа не малку! Јас сум длабоко убеден, почитуван г. премиер, дека ако се заложите за консолидација на тоа министерство, ако го екипирате со образовани, особено млади луѓе, Вие ќе бидете запаметен од македонската историја како културен реформатор од голем формат. Ако не повеќе, тогаш барем исто толку колку и по „Преспанскиот договор“.
Сосема за крај? Зошто Ви се обраќам со Отворено писмо? Затоа што мислам дека се тоа прашања колку важни за Вас, толку и за јавноста.“