Со 62 гласа „за“, синоќа пред полноќ, беше изгласана новата Влада


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Вчера вечерта, пред полноќ, со 62 гласа „за“ беше изгласана новата влада. „Против“ гласаа 51 пратеник, а воздржани немаше. Изборот беше проследен со аплауз, додека пратениците на опозицијата ја напуштија салата.

Новата влада ќе ја предводат премиерот Зоран Заев и министрите:

Артан Груби – министер за политички систем и односи меѓу заедниците, кој ќе биде и прв вицепремиер;

Љупчо Николовски – вицепремиер за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси;

Фатмир Битиќи – вицепремиер за економски прашања;

Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања;

Радмила Шекеринска – која ќе раководи со Министерството за одбрана;

Оливер Спасовски – кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи

Бојан Маричиќ – кој ќе раководи со Министерството за правда;

Бујар Османи – кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи;

Фатмир Бесими – кој ќе раководи со Министерството за финансии;

Крешник Бектеши – кој ќе раководи со Министерството за економија;

Аријанит Хоџа – кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;

Венко Филипче – кој ќе раководи со Министерството за здравство;

Мила Царовска – која ќе раководи со Министерството за образование и наука;

Јагода Шахпаска – која ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика;

Горан Милевски – кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа;

Ирена Стефоска – која ќе раководи со Министерството за култура,

Јетон Шаќири – кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;

Благој Бочварски – кој ќе раководи со Министерството за транспорт и врски, и

Насер Нуредини – кој ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Во завршното обраќање пред пратениците Заев рече дека државата, која сега е членка на НАТО и има одлука за преговори со ЕУ, со посветеност и заедничка работа ќе има институции со кои ќе се гордеат сите. Најави целосна посветеност на економијата, јакнење на економскиот стандард, перспективи за младите во приватниот сектор, привлекување што е можно повеќе странски инвестиции.

Претстои стабилен политички период, одлучна и бескомпромисна борба против сивата економијата, криминалот и корупцијата, ефикасен транспарентен и одговорен правен систем, вети Заев, повикувајќи ја опозицијата на соработка.

Во текот на дводневната расправа пратениците од опозицијата упатија критики до старо новата владејачка коалиција СДСМ-ДУИ за лоши резултати во работењето во изминатите три години во борбата против корупцијата, владеењето на правото, спречување на иселувањето, состојбата во економијата, справувањето со пандемијата со ковид-19. На новата влада и прогнозираа краток мандат поради кревкото мнозинство, а програмата ја оценија како нереална.

Пратениците од власта истакнаа дека во изминатиот период донеле тешки, крупни и државнички одлуки, во интерес и на граѓаните и на државата, ја отстраниле последната пречка од евроинтеграциски пат, ја внеле државата во НАТО и оти почнуваат преговори со ЕУ.

Вториот владин кабинет на Заев го сочинуваат 19 министри, седум помалку од претходната влада.

Фотографија: Роберт Атанасовски