19 наместо досегашните 26 министерски места во новата Влада на чело со Заев – еве кои ќе ги држат министерските функции


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Наместо досегашните 26, новата Влада на чие премиерско место ќе биде Зоран Заев, ќе брои деветнаесет министерски места. Тој синоќа по состанокот на Централниот одбор на партијата ги објави имињата на предлозите за нови министри од СДСМ од кои некои се нови, а некои ротираат во други ресори.

Предлог министрите од СДСМ се:

Мила Царовска – министерка за образование и наука

Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика

Ирена Стефоска – министерка за култура

Радмила Шекеринска – министерка за одбрана

Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи

Венко Филипче – министер за здравство

Благој Бочварски – министер за транспорт и врски

Никола Димитров – вицепремиер за евроинтеграции

Фатмир Битиќи – вицепремиер за економски прашања

Бојан Маричиќ – министер за правда

Љупчо Николовски – вицепремиер за борба против корупција

Тој им се заблагодари на досегашните министри од СДСМ, Рената Треневска-Дескоска, Горан Сугарески, Дамјан Манчевски, Роберт Поповски и Едмонд Адеми и рече дека за нив сигурно ќе има место во некои други институции.

„На владата ѝ требаше освежување“, вака Заев го објасни нивното заминување.

Министерството за земјоделство, според најавите, ќе го раководи коалицискиот партнер Беса, а Министерството за локална самоуправа е за ЛДП.

Во новата влада од 19 министри на предлог на СДСМ има 11 министри од коишто 8 се министри со ресор плус 3 вицепремиери кои се предлагаат како министри без ресор со надлежност којашто владата ја дава во областите коишто ги спомена Заев.

Од осумте министри со ресор 4 се жени, 4 се мажи.

Приоритети на новата влада, рече вечерва Заев, ќе бидат економијата, судските реформи, капиталните инфраструктурни проекти, животната средина и вложувањата во здравството. Продолжува имплементацијата на договорите со Грција и Преспа, како и Охридскиот рамковен договор.

„Имавме доволно големина и јас и Ахмети, и СДСМ и ДУИ, да се согласиме јас да ја водам Владата четири години, а последните сто дена премиер да биде предлог од ДУИ со заедничка согласност. Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивност, дијалог, респектирање на туѓо мислење базирано на аргументи и градење консензулана демократија, наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување. СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат своите изборни платформи во заедничка четиригодишна владина програма“, рече Заев.

Претходно вечерва, лидерот на ДУИ Али Ахмети ги објави кандидатите на неговата партија за министри.

Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи министер за надворешна работи, Крешник Бектеши министер за економија, Насер Нуредини за животната средина, додека за министер за информативно општество ќе треба да се направат уште дополнителни консултации.

Ахмети потврди и дека претседател на Собранието ќе биде Талат Џафери.

Заев на прес-конференцијата по состанокот на Централниот одбор кажа дека очекува ако следната недела биде изгласана Владата веднаш да предложи и заменици министри.