Издадена градежна дозвола за изградба на зграда со 180 стана во Националниот парк „Маврово“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Освен хотели и викендички, во срцето на Националниот парк „Маврово“ почнаа да се градат и згради во близина на скијачкиот центар. Пред неколку години тоа го направи ГП Пелагонија од Гостивар со зградата од 105 апартмани, а веќе почна изградбата и продажбата на 180 станови од „модерниот резиденцијален станбен комплекс на 100 метри од скијачките терени“, пренесува Мкд.мк.

Кога во декември минатата година надлежните биле прашани за тоа дали е навистина издадена дозвола за изградба на 180 станови во близина на хотелот „Макпетрол“ до скијачкиот центар, од општината Маврово-Ростуше одговориле дека такво нешто нема.

„По сите извршени контакти и проверки со нашите вработени во Одделението за урбанизам и комунални дејности кое се наоѓа во Маврово, сакам да ве известам дека нема никаква градба наспроти хотелот „Макпетрол“ во Маврово во наведената големина со околу 180 станови или приближно“, одговорил тогаш за МКД.мк Фикрет Ибрами, советник за односи со јавноста и меѓународна соработка во општина Маврово и Ростуше.

Деновиве по социјалните мрежи почна и официјалната промоција на овој „модерен резиденцијален станбен комплекс на само 100 метри од скијачките патеки, на 9.000 квадратни метри вкупна површина, со 7 станбени блокови и 180 станбени единици како идеално викенд прибежиште“. Од Мкд.мк пренесуваа дека се обратиле до советникот за односи со јавност и меѓународна соработка. Овој пат и со прашање за тоа како ќе бидат решени отпадните води, ако се знае дека досега голем дел од објектите во селото Маврово отпадните води без никакви пречистителни станици ги пуштаат директно во езерото.

„За селото Маврово донесен е урбанистички план за селото од 2016 година. За наведената локација има донесено Архитектонско урбанистички проект (АУП) со коешто е извршена детална разработка на таа локација.

Во однос на фекалните води, со истиот АУП е предвидена изградба на две прочистителни станици“, вели Ибраими.

Она што е познато како информација е дека инвеститори на овој проект се компаниите Фортон и Фротонинвест. Цените на становите се од 600 до 900 евра по квадрат (кои наводно веќе 30 отсто биле продадени) и дека објектот ќе биде готов до крајот на 2021 година.

Од управата на Националниот парк Маврово засега нема никаков одговор.