Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Политичките лидери и државниот врв, заедно со апел за почитување на мерките за заштита од КОВИД-19, упатија честитки по повод празникот Курбан бајрам.
Премиерот Оливер Спасовски ги повика граѓаните да бидат одговорни кон себе, кон своето семејство и кон државата и да ги почитуваат препораките на здравствените власти.
„Курбан бајрам е празник на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските. Во период кога се соочуваме со пандемијата на ковид-19, светите празници носат голема духовна сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност. Курбан бајрам е од редот на највеличествените и најсветите денови. Овој празник за секој исламски верник е водилка да се грижи за семејството, соседите и пријателите, за сите на кои им е потребна поддршка и помош. На овој величествен ден, кој нè потсетува на суштината на човечкото постоење, да покажеме грижа и за најскапоценото нешто за сите нас, за здравјето“, порача Спасовски.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, им посака на муслиманските верници да го поминат денот во добро расположение со своите блиски и да внимаваат на мерките за заштита.
„Само на овој начин, ако вистински се почитуваме и помагаме, ако бидеме солидарни едни кон други, ќе успееме да изградиме еднакво и праведно општество на почитувани и задоволни индивидуи. Нека вредностите и духовноста што овој празник ги носи со себе нѐ водат на патот на подобра и посветла иднина за сите“, се вели во честитката од претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Честитки упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Во духот на празничната порака за заедничка поддршка и борба за подобра сегашност и подобра иднина Ве повикувам сите заедно да се сплотиме и да ја градиме Македонија како земја на европски вредности и принципи. Само така ќе овозможиме нашите деца, како и нашите предци да живеат под истото македонско небо во хармонија и напредок“, порача Мицкоски.
Претходно, со повици за солидарност и обединување во борбата со ковид-19, честитки за Курбан бајрам упати и претседателот на државата Стево Пендаровски, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Талат Џафери. Апел да се почитуваат мерките за заштита упати и министерот за здравство Венко Филипче.