Ова го има само кај нас: Се гради среде Скопје, никој жив „не знае“ кој гради


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Иако веќе има постоечко решение за уривање на објектот што се гради на терасата од кафулето Фонтана кај ТЦ Мавровка, но тоа решение сѐ уште не важи затоа што не се знае кој гради.

На овој начин општина Чаир го објаснува нивното непостапување во врска со оваа, веројатно дивоградба. Додека општинарите бараат по фиоки кој е сопственик на кафулето, кој досега им плаќал за терасата која баш неодамна изгоре, градежниците си ја тераат градбата.

Инспекторите утврдиле дека градежните активности се вршат незаконски, но незнаењето кој е сопственикот го одолговлекува уривањето на објектот. Но, во законот има и за тоа решение – одлуката за уривање ќе се објави во весник по што почнува да тече рокот од 8 дена за жалба од сопственикот и потоа ќе може да се преземаат дејства, објаснуваат од општината и додаваат дека на таа локација има легализиран објект со познат сопственик, но не може да се утврди дека истиот сопственик врши бесправна градба.

На оваа градба реагираше и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој побара соодветна реакција од општина Чаир и од државниот инспекторат.

„Градот Скопје, по мое барање, уште на 09.07.2020 реагираше во надлежните инспекторати за бесправните градби кај Мавровка. Денес добив одговор од Инспекцискиот совет, за заеднички инспекциски надзор на државниот и на општинскиот градежен инспекторат. Треба да им се стави крај на бесправните објекти кај Мавровка“, напиша Шилегов.

„СВР Скопје – Единицата за економски компјутерски криминал во врска со незаконските градежни активности во реонот на ТЦ „Мавровка“, има преземено соодветни мерки и активности за утврдување на кривично дело кое се гони по службена должност според член 244 – за незаконско градење. За преземените мерки и активности е доставено писмено известување во Јавното обвинителство согласно законот за кривична постапка“, информираа од МВР.

Во мај, за време на полициски час во целост изгоре терасата на локалот Фонтана, по што почна и изградбата на спорниот објект.