Започнува гласањето за парламентарните избори: Денес гласаат лицата заразени од КОВИД-19 и оние кои се во самоизолација


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денес официјално започнува гласачкиот процес во рамки на предвремените парламентарни избори закажани за среда, 15 јули. Општинските изборни комисии прифатиле 716 барања од лица позитивни на коронавирусот или во самоизолација за гласањето што треба да се спроведе денеска.

До ОИК пристигнале преку 770 вакви барања, а од вкупно 80 општини во 57 ќе гласаат заболени од ковид-19 и лица во самоизолација.
Утре ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор.

Според информациите од ДИК, од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК прифатени се барањата на 8.852 лица кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом. Гласањето утре ќе го спроведат избирачките одбори.

За споредба, на минатите избори пријавени за гласање биле само 3.540 болни и немоќни лица.

На 15 јули в среда ќе се гласа на 3.480 избирачки места во шесте изборни единици во земјата. Во 90 гласачки места има помалку од 10 гласачи кои според Законот ќе можат своето право на глас да го остварат во најблиското гласачко место. Граѓаните ќе може да се изјаснат за 1.578 кандидати на 15 партии и коалиции. Право на глас имаат 1.814.263 лица.