Отец Партениј хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денес, во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, со празнична Божествена литургија архимандритот Партениј е хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Предлогот Отец Партениј да биде прогласен за епископ го даде неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, што беше едногласно прифатено од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски”, а истовремено ќе ја задржи и својата должност игумен на Бигорскиот манастир каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во обраќањето до верниците по повод оваа свеченост истакна дека епископите во црковната традиција се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнува важноста на службата и високата мисија на оние удостоените на тој чин.

– На начин како што апостолите го примија духот на вистина на Сионската височина, и ти се удостои да примиш дух на мудрост и разум, на совет и крепост, дух на знаење и богобојазливост, и веруваме дека токму тоа ќе ти помогне и преку новата должност уште побудно да ги надгледуваш доверените души, давајќи им пример на сите…Со денешниот чин преку Светиот дух врз тебе се изли љубовта божја и тој дар ќе ти помага со љубов да им служиш на љуѓето и да ги исполнуваш задолженијата, рече г.г. Стефан.

Новоназначениот митрополит Партениј во првата пристапна беседа пред верниците истакна дека да се биде епископ значи да се биде прв, но не во превласта, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро.

– Кој сака да биде прв, нека биде последен и слуга на сите. Тоа значи да се биде смирен работник на нивата Божја, служејќи и на тајната. Не само во храмовите Божји туку и во срцата на верниците. Ето зошто ова пристапно слово ќе биде благодарност за сите и за се. Важно е сведоштвото и зборовите, но поважни се делата и жртвата, така ќе оставам сработеното досега што секако е плод не на нашата праведност ами на Божјата благодет, само да говори за нашата посветеност кон татковината и нашиот верен народот. Црквата живее и постои за да го изразува совршеното дело на љубовта…рече меѓу другото митрополитот Партениј.