Советот на ЕУ ја усвои предлог-преговарачката рамка за Македонија – македонскиот јазик стана официјален јазик во ЕУ


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


На првиот ден од почетокот на германското претседателство со Советот на ЕУ, Европската комисија ја усвои предлог – преговарачката рамка за зачленување на Македонија во Унијата.

Тоа значи дека нацрт-документот според кој ќе се водат преговорите за членство со Македонија се наоѓа кај земјите-членки на ЕУ, кои ќе треба да ја одобрат финалната верзија. Според проценките, документот веќе идната недела ќе се разгледува во Брисел на експертско ниво меѓу земјите-членки.

Преговарачките рамки ги утврдуваат насоките и принципите за пристапните преговори со секоја земја-кандидат. Предлогот што го изготви тимот на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, се темели на новата методологија за пристапување.

Според шефот на дипломатијата, со овие измени процесот ќе биде поконкретен, подинамичен, со засилено влијание од страна на земјите членки, но и можност за враќање назад ако земјата не ги исполнува задачите и назадува во европската агенда.

Целта е Македонија да го усвои законодавството на ЕУ и европските стандарди во и да обезбеди целосно спроведување по пристапувањето.

Еврокомесарот Вархеји порача дека денешниот ден претставува значаен чекор на патот на Македонија и Албанија кон ЕУ.

Со првата меѓувладина конференција почнува и преговарачкиот процес, односно завршува т.н. скрининг и се отвора првиот кластер – Основни вредности, кој ги опфаќа клучните реформски области од Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права.

Следи поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност, економските критериуми, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација. Поглавјето 5 ги опфаќа јавните набавки, поглавјето 18 – статистика и поглавјето 32 – финансиска контрола.

Во Предлог-преговарачката рамка за Македонија што денеска ја усвои Европската комисија, одредницата што се користи за именување на јазикот е – македонски (Macedonian), без никакви дополнителни објаснувања или фусноти, дознава „360 степени“. Ова се смета за чин на официјално признавање на македонскиот јазик на ниво на ЕУ и негова промоција во еден од официјалните јазици на Европската Унија во иднина.

Северна Македонија ќе мора да го преведе заедничкото европско право (acquis communautaire) на македонски пред официјалното зачленување во Европската Унија, пишува, како што дознаваме, во Предлог-преговарачката рамка.

Пасусот во кој се наведува дека заедничкото европско право треба да се преведе на јазикот на идната земја членка е стандарден елемент во преговарачките рамки за сите држави кандидатки што во моментов преговараат или веќе станале дел од ЕУ.

Прашањето за македонскиот јазик беше формално затворено со Договорот од Преспа, како клучна идентитетска одредница за етничките Македонци од Македонија.