Quo vadis УКИМ?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Последната вонредна состојба во нашата земја завршува денес. Паралелно со вонредната состојба се одвива и изборот на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Овој избор крена многу прашина, а во моментот најактуелна е оставката на изборната комисија, на само 4 дена до конечниот избор. Професорот Тројачанец, претседателот на Универзитетската изборна комисија, потврди дека денес си ја поднел својата оставка, заедно со другите тројца членови одговорни за реализација на изборите за ректор.

– Преголеми игри, притисоци, вулгарно и несоодветно однесување на претставници на академската средина ме натераа да се откажам. Трпев големи притисоци и не сакам повеќе да бидам дел од изборите. Уште на почетокот кога беа распишани изборите укажувавме дека роковите се прекратки и дека треба да се почека, дека законска е целата процедура, меѓутоа, не е академска и хумана. Имав и суптилни и медиумски притисоци и напади кои не им доликуваат на академски граѓани. Нам не ни беше достапен ниту извештајот на Државниот просветен инспекторат, во кој стои дека не сме требале да ја продолжиме работата по прогласувањето на вонредната состојба на 15 јуни. Јас сум искрено многу разочаран од УКИМ – истакнува Тројачанец.

Освен Тројачанец, од Комисијата заминале и: Катерина Здравкова од ФИНКИ, Живојин Глишиќ од Факултетот за музичка уметност и Петар Антевски, претставник на Универзитетското студентско собрание. По оставката на членовите на оваа комисисија, се активираат нивните заменици. На местото на Тројачанец доаѓа заменик-претседателката проф. д-р Гордана Лажетиќ. Нејзина заменичка ќе биде проф. Калина Треневска-Благоева.

Во извештајот на Државниот просветен инспекторат од 18 јуни до Министерството за образование и до министерот Арбер Адеми, меѓу другото, стои: „…и покрај распишаните избори и прогласената вонредна состојба, активностите за избор на ректор од страна на Универзитетската изборна комисија продолжуваат понатаму. Тоа не е во согласност со донесената Уредба од 5 јуни 2020“.

Денеска и Државната комисија за спречување корупција соопшти дека очекува „министерот итно да се изјасни и да постапи по наодите за прекршување на одредбите од наведената уредба.“  Антикорупциска денеска имаше соопштение во врска со постапката за избор на ректор, како и за конституирањето на новиот Сенат на УКИМ.

На соопштението на  Антикрупсика, реагираше ректорот на УКИМ Јанкуловски.

– Зачудени сме од недовербата на ДКСК во наодите на ДПИ за прашања коишто не се во надлежност на ДКСК. Добивањето одговор што не ги задоволува очекувањата не смее да генерира недоверба во државни институции коишто навремено и целосно се произнеле во однос на барањето упатено од ДКСК, стои во реакцијата на Јанкуловски.