Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
После седум ноќи со насилни протести во САД, како знак на револт за убиството на Џорџ Флојд од страна на полициски службеник со прекумерно користење на сила при апсење, американскиот претседател Доналд Трамп побара од гувернерите поостар пристап и се закани дека ќе ја испрати војската против демонстрантите, пренесува Дојче Веле.
Во говорот одржан пред Белата куќа, претседателот Трамп изјави дека безредијата и грабежите се акт на внатрешен терор и доколку засегнатите градови и сојузни држави не ги преземат нужните мерки, тој ќе ја ангажира војската.
Трамп се закани со акција на „илјадници тешко вооружени војници и полицајци” во главниот град Вашингтон, заради ставање крај на „насилствата, пљачкањето, вандализмот, нападите и бесправното уништување на приватна сопственост”. Според Трамп, избувнувањето насилство на протестите во Вашингтон претставува тотален срам.
Соработник во Министерството за одбрана, кој е во тек со настаните, кој според информација на новинската агенција Ројтерс побарал да остане анонимен, изјавил дека се мобилизирани околу 1.200 припадници на Националната гарда за главниот град, а дополнителни 600 до 800 се во состојба на готовост во ноќните часови.
За време на обраќањето на Трамп, пренесувано во живо преку американските телевизии, камерите прикажаа како на улиците наспроти Белата куќа во Лафајет паркот полицајците употребуваат солзавец против мирните демонстранти. Освен тоа, коњичката полиција се обидуваше да ги растури насобраните граѓани. Непосредно по својот говор, претседателот Трамп ја посети црквата во близина на Белата куќа, оштетена во протестите проследени со безредија претходната ноќ.
Веќе цела недела во повеќе американски градови не запираат демонстрациите против полициско насилство, расизам и социјални неправди. Повод за протестите беше смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд по брутална полициска интервенција во Минеаполис, во сојузната држава Минесота. Протестите делумно прераснаа во акти на насилство и безредија. Претседателот Трамп во повеќе наврати побара од гувернерите да ангажираат доволно полициски сили за да ја стават под контрола ситуацијата во нивните градови.
„Доколку некој град или сојузна држава одбива да ги примени потребните мерки за одбрана на животите или приватната сопственост на своите граѓани, ќе ја ангажирам војската на САД и така брзо ќе го решам проблемот. Јас сум претседател кој се залага за право и ред”, изјави Доналд Трамп во обраќањето до граѓаните. Тој вети дека ќе се бори за овие свои залагања и ќе ги заштити граѓаните и земјата. На земјата ѝ е потребна сигурност, а не анархија, праведност, а не хаос, порача Трамп: „Тоа е нашата мисија и ние ќе победиме.”