Дали Ден Дончев, освен тие 50.000 евра, зел и други 80.000 австралиски долари како хонорар од „Мегантик“?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Неделникот „Фокус“ објави уште едно контроверзно сознание со што ја продалбочува таканаречената афера „Муртиногејт“, во која е замешан денес веќе бившиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев.

Како што е познато, неделникот веќе објави дека Дончев во 2018 година примил 50.000 евра по основ на плати за консултантски услуги, од македонската компанија „Ремаркет“, регистрирана во селото Муртино, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.

Неделникот сега открива дека Ден Дончев и во 2019 година примил голема сума пари од истиот извор. Така, на 26 јуни 2019 година, тој од австралиската компанија „Мегантик“ добил уште 80.000 австралиски долари. Како и спорните 50.000 евра, така и овие 80.000 австралиски долари, не се пријавени во имотното досие на Дончев.

Во врска со исплатата на 50.000 евра од „Ремаркет“ во 2018 година, Ден Дончев ја убедуваше јавноста дека парите што ги добил од „Ремаркет“ за консултантски услуги што ги дал за австралиската фирма „Мегантик“ биле легални и најуредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив бил платен данок.

Засега нема изјава од Дончев за исплатата од 80.000 австралиски долари што ја откри „Фокус“.

Македонските законски одредби не дозволуваат било кој вработен да прима плати од две или повеќе места, а избраните и именувани функционери не смеат да остваруваат приходи од консултантски услуги. Антикорупциската комисија изјави дека го разгледала предметот по допрен глас и утврдила дека Дончев нема пријавено дополнителни приходи, но засега се остана на таа изјава.