По скоро шест месеци рочишта „Рекет“ влегува во финиш со завршни зборови


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


По скоро шестмесечно судење на повеќе судски рочишта, случајот „Рекет“ влегува во завршна фаза. Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да се започне со давањето на заврши зборови. Прва тоа треба да го направи обвинителката Вилма Русковска, а потоа и адвокатите и обвинетите, пренесува 360 Степени.

По ова ќе остане само изрекувањето на пресудата од првостепениот суд. Судскиот процес го води Васка Николовска-Масевска, како прв судија, и Софче Гаврилова-Ефремова, како втор судија, како и тројца поротници кои се дел од судечкиот совет.

Судскиот процес започна на 3 декември 2019, а на обвинителна клупа седнаа Бојан Јовановски – Боки 13 како обвинет за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со нив седеше и Зоран Милески – Кичеец обвинет за примање награда за против законито влијание, но само на првото рочиште бидејќи призна вина и веќе наредниот ден (4 декември 2019) доби затворска казна од три години.

Судскиот процес понатаму продолжи со сведочењето на Орце Камчев и неговата сопруга Ана Камчева, од кои во обвинителниот акт се тврди дека земале 1,5 милион евра за бизнисменот да добие подобар третман во случајот „Империја“ каде е осомничен. Следеа и сведочења на други бизнисмени, соработници и блиски луѓе на Јовановски, обвинители на СЈО … И обвинителството и одбраната ги изведоа своите материјални докази, а на последните рочишта двајцата обвинети, Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, дадоа и свои искази. Јавноста, пак, немаше можност да го слушне сведочењето на Кичеец, кој често беше споменуван во текот на судењето, но не беше предложен за сведок.

И едната и другата страна во „Рекет“ тврдеа дека ги докажале своите тези. За Русковска немаше дилема дека парите завршиле кај Јовановски, за него, пак, целиот процес беше монтиран.

„Факт е дека Јанева примила 50 000 евра и не е воопшто не е битно дали тие потекнуваат од брачната двојка Камчеви“, зборуваше Русковска за второобвинета, додека Јанева тврдеше дека тоа се пари за мебел кој таа го зела и платила откако Боки ѝ понудил тоа да го направат преку 1ТВ бидејќи имал компензации и договори со фирмата за мебел. Јанева се бранеше и дека не го привилегирала Камчев туку и за него постапувала исто како и за други осомничени и обвинети во врска со притворот и во врска со давањето пасоши.

Ако на денешното рочиште сите учесници во судскиот процес не ги дадат завршните зборови, ќе се продолжи утре. Потоа, Јовановски и Јанева ќе го очекуваат рочиштето за да ја слушнат пресудата која ќе имаат можност да ја оспорат пред второстепениот суд.

Зоран Милески – Кичеец, пак, очекува друго рочиште – јавна седница пред Апелацискиот суд во Скопје каде поднесе жалба за висината на затворската казна.

Бојан Јовановски – Боки 13, освен пресудата за „Рекет“, го очекува и стартот на судскиот процес „Меѓународен сојуз“, кој првично се падна кај истите судијки со таа разлика што Гаврилова-Ефремова е прв, а Николовска-Масевска втор судија. Засега нема информации дека некоја од странките поднела жалби за судечкиот совет.

Јовановски во тој случај е обвинет како прв човек на невладината организација „Меѓународен сојуз – Скопје“ и се товари за делата измама и за перење пари.

Со него на обвинителна клупа ќе седнат и пратеничката од последниот парламентарен состав и потпретседателка на Собранието Фросина Ременски (за помагање во делото измама), заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ (за помагање во делата измама и перење пари), таткото на Боки – Миле Јовановски (за помагање на делата перење пари и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје) и асистентката Христина Блажевска (за помагање во делата измама и перење пари). Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.