Наместо повик за молитва, во Турција од џамии ечеше „Бела чао“ (снимка)


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Турските власти отворија истрага за непријатната ситуација која се случи во Измир, каде бил хакиран системот за пуштање на повик на молитва, па од минарињата на неколку џамии наместо повикот, ечеше италијанската антифашистичка песна „Бела чао“.

Антифашистичката химна била емитувана вчера попладне наместо повикот на молитва, кој се емитува пет пати дневно, а снимката е објавена и на социјалните мрежи.

Локалната гранка на турските власти за верски прашања го потврди синоќа на Твитер инцидентот и најави отворање внатрешна истрага и поднесување пријави до полицијата.

„Бела чао“ била емитувана откако „непознати лица го саботирале и нелегално го хакирале системот за повик на молитва“, се прецизира во соопштението.

Обвинителството во Измир отворило истрага за инцидентот кој ќе ги опфати и корисниците на социјалните мрежи осомничени за „негирање на верските вредности“, јави агенцијата Анадолија.

Портпаролот на владејачката партија Омер Челик на Твитер „остро го осуди“ овој инцидент и наведе дека извршителите ќе бидат најдени.

Инцидентот се случи во екот на рамазан, муслиманскиот месец на постот, во момент кога џамиите се затворени поради пандемијата на коронавирусот.