Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Многу луѓе на социјалните мрежи споделуваат лични искуства поврзани со чудни соништа кои ги имаат изминатиов период кој светот генерално го поминува во изолација, самоизолација или колективен карантин заради епидемијата на коронавирусот.
Секојдневниот живот на милиони луѓе се смени на еден или друг начин заради падемијата. Додека Ковид-19 продолжува да доминира на насловните страници на вестите и социјалните мрежи, не изненадува што пандемијата започна да влијае и врз рутината за спиење на луѓето. Многу луѓе споделуваат дека имаат живописни, понекогаш стресни, карантински соништа, честопати поврзани со несигурноста за работното место или општа вознемиреност поради самиот вирус. Но, што значат овие соништа (ако тие имаат значење)?
Во случај да не сте знаеле, психологијата на соништата се истражува со векови, уште од моментот кога Зигмунд Фројд ја популаризирал идејата дека соништата може да бидат прозорец на несвесниот ум, објаснува д-р Бретани Лемонд, њујоршка докторка по невропсихологија. Денес, експертите се согласуваат дека живописното сонување – па дури и повремените вознемирувачки кошмари – се сосема нормални; всушност, тие се речиси очекувани за време на толку големата неизвесност.
Според оваа докторка, нашата генерација ги доживува истите нешта како по нападите на 11 септември, Втората светска војна и другите трауматски настани што луѓето ги доживуваа низ историјата.
Бомбардирани со апокалиптични слики на здравствените работници на „фронтот“ во заштитни костуми како ги изнесуваат телата на починатите, вестите и непредвидливиот тек на животот, сето тоа е навистина совршена позадина за поживописните и вознемирувачки соништа и кошмари.
Добрата вест: ако имате толку реалистични соништа, тоа не мора да биде „лоша“ работа. Сепак, разбирливо е ако сакате да се ослободите од нив, особено ако вашите соништа предизвикуваат забележителен стрес во вашиот секојдневен живот.
Еве што велат експертите за вашите чудни „карантински соништа“ и како можете да бидете сигурни дека го добивате одморот што ви треба за време на Ковид-19?
Па, што ги предизвикува живописните соништа?
Најживописните соништа се случуваат најчесто кога најбрзо ги движите очите (РЕМ фаза), третата фаза од вашиот циклус на спиење, објаснува Лемонд. Во првите 2 фази од циклусот на спиење, вашата мозочна активност, отчукувањата на срцето и дишењето почнуваат постепено да забавуваат, додека телото се релаксира. Но, кога ќе стигнете до РЕМ фазата на спиење, вашата активност на мозокот и отчукувањата на срцето повторно забрзуваат, додека повеќето ваши мускули остануваат повеќе или помалку парализирани, вели Лемонд. РЕМ фазата на сон обично трае 90 до 110 минути, овозможувајќи му на мозокот не само да сонува посилно, туку и да обработува и чува информации во текот на ноќта додека циклусот на спиење се повторува (вашето тело обично доживува од 4 или 5 циклуси на спиење за една ноќ), објаснува таа.
Значи, според едно истражување зад живописните соништа за време на карантин стои зголемениот број РЕМ фази, вели Лемонд. Бидејќи дневната рутина на многу луѓе е целосно променета како резултат на пандемијата, некои луѓе спијат во различни периоди во текот на денот или дури спијат и повеќе отколку што обично. Ако спиете повеќе, тоа би можело да значи и дека сонувате повеќе, бидејќи циклусите на спиење се повторуваат во текот на ноќта, па се зголемува бројот на РЕМ фази по циклуси, објаснува Лемонд. Колку повеќе РЕМ фази, толку е поголема веројатноста да сонувате често – и колку повеќе сонувате, толку е поголема веројатноста да ги запомните соништата наутро, забележува Лемонд.
Но, дури и да не спиете повеќе овие денови, вашите карантински соништа сè уште можат да бидат многу реалистични, благодарение на феноменот наречен скок на РЕМ фазата, вели д-р Рој Рејмонд. Скокот на РЕМ настанува поради зголемената фреквенција и длабочина на РЕМ фазите што се јавува по периодот на кратко спиење или несоница, објаснува тој. Во суштина, кога не спиете редовно, мозокот има тенденција да премине во подлабока РЕМ фаза кога успевате и да одморите. Понекогаш тоа се нарекува „сон на сонот“ и има тенденција да влијае врз оние кои постојано се соочуваат со нарушување на распоредот за спиење.
Дали мелатонинот влијае врз чудните соништа?
Многу луѓе посегнуваат по лекови без рецепт или додатоци како мелатонин кога се борат со несоницата и со другите проблеми поврзани со спиењето. Ако не сте знаеле, мелатонинот е всушност хормон што природно се лачи во организмот за да помогне во регулирање на циклусите од сон и будност.
Добрата вест е дека земањето мелатонин во раните вечерните часови (и по совет на доктор) може да помогне во подобрување на квалитетот на вашиот сон, вели Лемонд. Бидејќи здравиот сон го одржува вашиот имунолошки систем силен, земањето мелатонин, исто така, може да биде добар начин да останете здрави за време на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Сепак, бидете свесни дека можете да претерате со дозите мелатонин, предупредува Лемонд. Ако земете мелатонин во текот на денот, доцна во ноќта или во големи количини, тоа може да ви го уништи квалитетот на спиењето, објаснува таа. Зошто? Погрешната доза на мелатонин, без оглед дали го земате премногу или во погрешно време, може да ја зголеми вашата РЕМ фаза – што значи почести соништа. За да се ослободите од соништата, на вашето тело му требаат и останатите фази на спиење, за да бидете сигурни дека добро ќе се одморите, забележува Лемонд.
Покрај тоа, бидејќи вашето тело веќе произведува мелатонин самостојно, вие не сакате да го нарушите дневниот ритам на тело со земање погрешна доза на додатоци, објаснува Лемонд. Покрај тоа, ако се потпрете на земање на редовна доза на мелатонин, можно е вашето тело да изгради толеранција на него, што само ќе ја зголеми потребата од овој суплемент за да можете да заспиете, вели таа.
Во основа: консултирајте се со вашиот лекар пред да воведете додаток од мелатонин во вашата рутина, забележува Лемонд.
Што значат чудни соништа во време на карантинот за вашиот здрав сон?
Возбудливите соништа не се нужно „лоши“ за вас или вашиот здрав сон. Што е најважно, одржувајте редовна рутина на спиење, најмалку 7 часа навечер, вели Лемонд.
Нејзините совети се да го користите вашиот кревет само за спиење и секс (што значи дека белата техника, како телевизорот не треба да биде во спалната соба), избегнувајте да бидете со вашиот телефон додека сте во кревет (особено за следење алармантни вести или социјални медиуми) прочитајте книга пред спиење. Вежбање редовно и избегнувајте кофеин во попладневните часови, кој исто така, може да придонесе за понемирен сон, вели Лемонд.
– Покрај тоа, повторувајте ја истата рутина пред спиење секоја вечер, без разлика дали е тоа туш, пиење чај од камилица или медитација. Ова може да ви помогне да го истренирате вашето тело да влезе во фазата на сон – вели таа.
Сепак, соништата понекогаш можат да укажат на некои нерешени извори на вознемиреност со кои можеби не знаете како да се справите во текот на денот, забележува Лемонд. Лекарката препорачува да ги споделите вашите соништа со пријателите, семејството или дури и терапевтот. Многу психијатри и психолози нудат сесии и терапии преку Интернет, среде пандемијата на коронавирусот, за оние кои имаат екстремни промени во расположението како резултат на нивните соништа (или други проблеми поврзани со спиењето). Лемонд препорачува да побарате стручна помош.
– Спиењето е поврзано со имунитетот и воспалителните процеси, па затоа е важно да се обидеме да имаме подобар и помирен сон во ова време – вели таа.
– До одреден степен, контролираме дали ќе добиеме коронавирус преку социјалното дистанцирање и одржувањето на здравјето. Тоа ни дава сила во овие времиња и свесност дека сè уште ја имаме контролата на оваа болест во наши раце.