Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Милијарди долари ќе бидат исплатени на американските граѓани од страна на САД, како помош заради економско-социјалната криза предизвикана од епидемијата на коронавирусот.
Во рамките на пакет-економската помош тешка 2.000 милијарди долари е и исплата на еднократен надомест на сите граѓани што заработуваат помалку од 75.000 долари годишно. Тие ќе добијат по 1.200 долари и уште 500 долари за секое дете до 17 години.
Американците што во даночната управа го пријавиле бројот на сметката веќе добиле пари, а другите ќе добијат чек по пошта. Но, како што пишува „Вашингтон пост“, исплатата на чекови би можела да доцни неколку дена бидејќи претседателот Доналд Трамп во последен момент одлучил дека сака на нив да стои и неговото име.
„Трамп ја задржува исплатата на илјадници Американци, кои едвај спојуваат крај со крај во оваа криза, само за да го нахрани своето его. Само овој претседател оваа тешка ситуација во земјата сака да ја искористи за сопствена промоција“, рекол сенаторот на државата Орегон, Рон Вајден, водечки демократ во националниот одбор за финансии.
На чековите нема да биде втиснат потписот на Трамп бидејќи американскиот претседател не е овластен да потпишува исплати од националниот трезор, па неговото име ќе биде на левата страна од чекот, но јасно и видливо. Првпат во историјата на САД името на еден претседател ќе биде втиснато на државни чекови.