Во последните десет години скоро 75.000 Македонци зеле државјанство од некоја европска земја


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во изминатите десет години вкупно 74.946 македонски граѓани зеле државјанство во некоја од земјите во Европа. Според статистичките податоци од Еврустат, најмногу државјанства се земени од Италија, Швајцарија и Германија.

Само во 2018 година земјите од Европската унија дале вкупно 672.270 државјанства на граѓани од други земји. Најмногу на жители од Мароко – 67.156, потоа од Албанија – 47.441 и Турција – 28.386, покажуваат податоците на Евростат.

Од нашата земја во 2018 година вкупно 7.627 граѓани зеле државјанство во некоја од државите во Европа. Најголемиот дел од нив во Италија – 3.487, потоа во Швајцарија – 1.606 и Германија – 945.

Ова е намалување за 450 во однос на претходната 2017 година, кога 8.077 македонски граѓани земале државјанства во земји од ЕУ.

Во последните десет години вкупно 29.428 македонски граѓани земале италијанско државјанство. Околу 14 илјади тоа го сториле во последните три години, од кои рекордни 6,771 во 2016 година.

По Италија, омилена земја за македонските граѓани биле Швајцарија и Германија каде во последните 10 години се иселиле по 16.935 и 9.333 граѓани.

Во статистиката на Евростат се наведува и податокот дека во 2008 година најголем број државјанства македонските граѓани земале во Бугарија – 3.637, по што нагло се намалува статистичкиот број и се движи од 400 до 200 граѓани.

Од регионот најмногу државјани во 2018 година загубила Албанија – 47.441 жител – најголемиот дел од нив 51 процент зеле државјанство во Грција, а 46 проценти од Италија.

Вкупно 8.693 жители на Србија во 2018 година земале државјанства во земји од ЕУ – најмногу 28,5 проценти во Германија, 23,5 во Италија и 14,6 во Шведска.

Од Косово вкупно 7.979 граѓани се преселиле во ЕУ. Најмногу 48,2 проценти во Германија, 27,1 во Италија и 7,1 отсто во Австрија.