Партиите донесоа заеднички договор да се одложат предвремените избори


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На лидерската средба која се одржа кај претседателот Стево Пендаровски на негова иницијатива, лидерите на поголемите политички партии се договорија предвремените парламентарни избори закажани за април да се одложат, но се бара правна основа за оваа одлука да се реализира.

Поради тоа, вчера попладнето 30-на минути откако Вила Водно ја напуштија партиските лидери, таму пристигнаа експертите кои ги повика шефот на државата кои треба да ги најдат правните модалитети за одложување на изборите. Таму прва пристигна Гордана Силјановска-Давкова, која претходно беше во делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба, а веднаш по неа и професорите Светомир Шкариќ и Татјана Каракамишева, а повикани се и министерката за правда Рената Дескоска, како и правните експерти Денис Прешова, Јетон Шасивари и советникот на претседателот Александар Спасов.

Партиските лидери во очекување на мислењето на експертите, по средбата се фокусираа на она што е прифатливо за нив:

„Немаме никаква резерва ниту пак проблематизираме дали ќе остане техничка влада или се враќа политичката. Владата треба да продолжи. Нас ни требаат сите стручни луѓе, сите експерти, обединети, заедно сите, да работата на кризата и тоа го соопштивме. И верувам дека ја реласкиравме атмосферата, да знаат сите дека немаме било какви калкулации околу ова прашање. Така да, јас верувамд ека таа влада треба да продолжи“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Но и на она што не е прифатливо:

„Она што за кое се рави дилема и за кое што имаше дискусија за време на состанокот беше да се најде правна основа како сето тоа да се реализира. Имаше неуставни предлози да се свика Собранието повикувајќи се на некои минати искуства, но од наша страна беше аргументирано дека тие искуства со ова што денеска е реалност во Македонија не може да се споредат“, изјави Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Ставот на ДУИ пак го соопшти Бујар Османи, бидејќи Али ахмети не присуствуваше на лидерската средба. Тој информираше дека на средбата воопшто не се разговарало за можен датум за кога би се доложиле изборите.

„Одлуката беше дека прво треба да знаеме кои се правните патекиз а имплементирање на оваа политичка одлука. Денеска донесовме политичка одлука за одржување на изборите, меѓутоа правните варијанти за имплементирање на истата требаат дополнителни консултации со експерти и со политичките партииуште еднаш“, рече Бујар Османи.

На состанокот со експертите кај претседателот Пендаровски, присуствуваат и претседателот на Собранието, талат Џафери и техничкиот премиер, Оливер Спасовски. Очекувањата се за неколку часа тие да излезат со правно решение за одложување на изборите.