Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Еден од најдобрите ресторани во Мајами, но и во САД, познатиот „Краст“, редовно се вбројува меѓу најнаградуваните ресторани во САД.
Опен Тејбл во 2017 година го прогласи „Краст“ за прв меѓу 100-те најдобри ресторани во САД. Местото меѓу најдобрите го задржа и во 2019. Ресторанот „Краст“ во Мајами неколкукратно е наградуван како еден од најдобрите ресторани во САД. Но, она што е интересно е дека овој ресторан е производ на двајца Македонци. Рецептот за успех е искуство, талент, но и многу љубов. Ова е приказната за Анита и Климе Ковачески, пишува „Гласот на Америка“ на македонски јазик.
За „Краст“ пишуваа и најпознатите американски весници, Форбс и Вол Стрит Журнал. Сакаа да ја откријат тајната на стратегијата на Ковачески во време кога инвестирањето во ресторан се смета за ризик. Потврда за ова е статистиката дека 60% од рестораните во САД се затвораат во првите три години.
Но, ресторанот „Краст“ кој нуди медитерански специјалитети, во една од најфреквентните области во Мајами, не само што одолева на предизвиците, туку со бројни награди постојано докажува зошто е на врвот.
Опен Тејбл во 2017 година го прогласи „Краст“ за прв меѓу 100-те најдобри ресторани во САД. Во 2019 повторно го вброи меѓу најдобрите. Според Трип Адвајзор, „Краст“ е ресторанот број еден во Мајами.
Сето ова не дошло случајно.
„Настојувам она што го работам да биде најдобро што може и да биде конкурентно. Од тие сто најдобри ресторани во Америка, кога проверив, овој беше единствен кој што го имаат Македонци. Тоа не значи дека нема други добри ресторани низ Америка од наши луѓе, но мене лично ми значи кога се успева и кога се зборува за тоа од каде сме“, вели Климе Ковачески, сопственик на ресторанот „Краст“ во Мајами.
Климе и неговата сопруга Анита, Австралијанка со македонско потекло, се и бизнис партнери. Кулинарските вештини на Климе никого не го оставаат рамнодушен. Анита студирала комуникации во Австралија каде 15 години работела во индустријата за маркетинг. Но, вели, љубовта пред седум години ја довела на Флорида.
Во 2015 го отвориле ресторанот „Краст“. Нејзината умешност да направи секој да се чувствува добредојден, им донела редовна клиентела, а добриот глас брзо се проширил.
„Тоа ми доаѓа природно, така што за мене тоа е многу лесно. Секој ден заради акцентот луѓето ме прашуваат од каде сум. Тогаш им кажувам дека сум родена и израстена во Австралија, но дека по потекло сум Македонка“, вели Анита.
Разните видови пица, тестенини, пилешки специјалитети и други кулинарски понуди не само што имаат одличен вкус, туку и се служат во големи порции. Ковачески настојуваат да донесат и македонско вино на менито.
Тие се свесни дека секој ден треба да се докажуваат бидејќи поминато е времето кога оценката за ресторанот или храната доаѓала од еден критичар. Сега, преку социјалните мрежи гостите во реално време реагираат на понудата.
Како еден од најуспешните угостители во САД, повеќе од 30 години Ковачески работи и како консултант за други ресторани.
-Нашите награди не се засноваат на мислењето на еден човек, туку на мислењето на илјадници луѓе кои доаѓаат тука, вели Ковачески, кој не жали за трудот и времето вложени во ресторанот. Но, потребно е многу работи да се постават на вистинско место, вели тој. „Краст сега е познат ресторан и многу луѓе доаѓаат. Но, ако ние ја промениме улогата, јас и Анита. Ако таа влезе во кујната на еден ден, а јас ја водам салата, Краст нема да постои после три дена.
Анита во Мајами го нашла својот нов дом. „Австралија секогаш ќе биде мој дом… но ова е мојот втор дом“, вели таа.
Ресторанот е бизнис, но и уметност, што се темели на луѓе и таленти, велат тие, нагласувајќи дека е многу важно целите да бидат јасни и реални.
„Потребно е да се има чиста цел, поглед, стил и верување во она што го работите. Со други зборови ако некој човек е збунет и се обидува да го направи и ова и она, тогаш ништо нема да се направи“, вели Ковачески.
Како еден од најуспешните угостители во САД, повеќе од 30 години Ковачески работи и како консултант за други ресторани.